Масовната вакцинација против ковид-19 во салата „А1 арена Борис Трајковски“ во Скопје ќе почне в понеделник. Денеска Министерството за здравство наместо вакцинација организираше симулација, за да се види како ќе тече процесот и да се минимизираат проблемите кои би се појавиле.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто не можеше викеднов да биде организирано вакцинирање, со оглед на тоа дека салата се подготвува една недела, а вакцините „спутник“ стигнаа пред два дена, министерот за здравство Венко Филипче рече дека станува збор за нов систем и многу е важно тој добро да се подготви.
„Потребно е системот добро да се постави за да нема хаотични ситуации. Затоа ја правиме денешната координација, а изминатите денови се завршија постапките во МАЛМЕД. Важно е добро да се постави системот за кога ќе тргне проблемите да се минимизираат“, рече Филипче.
Од понеделник во „А1 арена Борис Трајковски“ ќе се вакцинираат по 3.000 лица. Ќе работат 25 медицински сестри и 5 доктори. Филипче најави дека за кратко време ќе се зголемува бројката и дневно ќе се вакцинираат по 7.000 граѓани.
Со донацијата од Србија на 20 илјади вакцини „спутник“ ќе се вакцинираат вработени во Министерството за внатрешни работи, АРМ, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините, кажа денеска Филипче.
А. АНТЕВСКА