НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НЕ БЕШЕ САМО ЗАШТИТНИК, ТУКУ И ПРОМОТОР НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ, РЕЧЕ ИЏЕТ МЕМЕТИ ПО ПОВОД 20 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ИНСТИТУЦИЈАТА

    НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НЕ БЕШЕ САМО ЗАШТИТНИК, ТУКУ И ПРОМОТОР НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ, РЕЧЕ ИЏЕТ МЕМЕТИ ПО ПОВОД 20 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ИНСТИТУЦИЈАТА„Би било добро годишните извештаи на Народниот правобранител да станат прирачник во работењето на секоја државна институција и да стане дел од стручната литература на факултетите за правни и политички науки“, вели претседателот на Собранието Талат Џафери. - Омбудсманот Иџет Мемети со спикерот Талат Џафери и премиерот Зоран Заев на одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на институцијата Народен правобранител во Собранието (Фото: М. Златевска)

    Горд сум што веќе 14 години ја предводам институцијата Народен правобранител и останав доследен на мојата мисија-заштитник на човековите права и слободи, справувајќи се со многу тешкотии во работењето, рече Народниот правобранител Иџет Мемети, на одбележувањето 20 години од формирањето на институцијата Народен правобранител на Република Македонија.

    Народниот правобранител Мемети кажа дека целиот период на развојот,  институцијата се соочувала со различни предизвици и премрежја. Според Мемети, институцијата Народен правобранител, не била само заштитник, туку и промотор на човековите слободи и права иако во законот немал таков мандат.

    „Да се биде Народен правобранител во плурално општество како што е нашето, е повеќе од предизвик, а за мене особено затоа што во институцијата дојдов  после конфликтен период. Моето тогашно главно прашање кое си го поставував, а на кое требаше да дадам одговор прво на себе, а потоа на сите останати, како да се справам со различностите и притоа да бидам прифатен од сите и да ја стекнам довербата од сите. Бев исправен пред предизвик и имав задача  од една страна да ја унапредам институцијата, а од друга страна да покажам и докажам дека тука сум за сите граѓани подеднакво“, рече Мемети.

    Премиерот Зоран Заев,  рече дека владата се ќе стори кадровски да ја зајакне институцијата Народен правобранител за да биде ефикасна и достоинствена како што и доликува на заштитник на човековите права.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека би било фарса ако заштитата на човековите права се сведе само на институцијата Народен правобранител.

    „Човековите права и слободи се динамична категорија, но во исто време и многу ранлива категорија. Затоа би било фарса ако заштитата на човековите права ја сведеме само на институцијата Народен правобранител. Би било добро годишните извештаи на Народниот правобранител да станат прирачник во работењето на секоја државна институција и да стане дел од стручната литература на факултетите за правни и политички науки“, рече претседателот на Собранието Џафери.

    Покрај Мемети и Заев, на конференцијата се обратија и претседателот на Асоцијацијата на Омбудсмани на Медитеранот и омбудсман на Албанија, Еринда Баланца, а видео обраќање имаше Европскиот омбудсман Емили О’ Рајли. Од името на Комесарот за човекови права на Советот на Европа  зборуваше Бојана Урумова.

    На дводневната конференција покрај Мемети, ќе учествуваат поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, претседателот на Европската мрежа на национални институции за човекови права Лора Видовиќ и Омбудсман на Хрватска, Омбудсманот на Босна и Херцеговина Јасминка Џумхур, како и поранешниот Омбудсман на Албанија Ермир Добјани и претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари