НЕ БЕГАМЕ ОД ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА ЛЕКАРИТЕ И НА СЕСТРИТЕ, ЗАКОНОТ E ОТВОРЕН ЗА РАСПРАВА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НЕ БЕГАМЕ ОД ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА ЛЕКАРИТЕ И НА СЕСТРИТЕ, ЗАКОНОТ E ОТВОРЕН ЗА РАСПРАВА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Клучно е дека со Законот за лекарска дејнот се зајакнува системот за издавање лиценци за работа и се исклучува можноста за влијание однадвор. Ќе ги повикаме на средба сите и Синдикатот и Комората и сите што се засегнати, да видиме дали може да се регулираат платите како што бараат со законско решение“, вели министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: СДК.МК)

    Со Предлог-законот за лекарска дејност клучно е дека се прецизира и утврдува статусот на лекарите, се остава можност за нивна саморегулација и се зајакнува издавањето на лиценци да нема влијание однадвор, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека не бегаат од ветувањето за зголемување на платите на лекарите во 2020 година, но дека платите на сите вработени во здравството, вклучително и на лекарите сега се утврдуваат со колективен договор, а не со законско решение.

    Оваа негова рекција, која ја објави и на социјалните мрежи, следи по реакциите од Самостојниот синдикат на вработените на клинички центри, кој бара повлекување на законот, бидејќи смета дека на Лекарската комора  (ЛКМ) ѝ се даваат преголеми ингеренции, не е соодветно регулирана дополнителната дејност и дека во законот не се ставени коефицинетите за утврдување минимална плата за докторите.

    Министерот вели дека Предлог-законот за лекарска дејност е на Единствен национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и дека и лекарската фела и граѓаните и невладиниот сектор може да дадат забелешки.

    „Реакциите се околу платите, но клучно е дека со ново законско решение се зајакнува процесот на издавање лиценци за работа и се исклучува секакво влијание однадвор. Се дава можност за саморегулација на лекарите, се прецизира статусот на лекарската дејност и се зачувува нејзиното достоинство, се утврдуваат правата и обврските на лекарите и контрола на нивната практика преку системот на Лекарската комора“, вели Филипче.

    Тој вели дека откако ќе заврши постапката за забелешки преку ЕНЕР, ќе ги разгледаат сите и во дискусијата за законското решение ќе ги вклучат сите.

    „Повикуваат на ветувањето за 100 илјади денари плата за лекарите. Не бегаме од нашето ветување. Интензивно работиме оваа ветување да биде остварено, и не само за платите на лекарите, туку и за останатите здравствени работници, кои се важни за функционирање на здравствениот систем. Платите и коефициентите се утврдуваат со колективен договор, а не со законско решение. Ќе ги повикаме на средба сите и Синдикатот и Комората и сите што се засегнати да видиме дали може да се регулираат платите како што бараат со законско решение“, вели Филипче.

    Лекарската комора вчера излезе со реакција дека го поддржува носењето на Законот за лекарска дејност и дека дала забелешки на ЕНЕР со кои се предлагаат нови коефициенти за плати на лекарите. д-р Калина Гривчева-Старделова, претседател на Лекарската комора, одби да го коментира обвинувањето на Синдикатот дека се даваат преголеми ингернции на Комората и го повика своите забелешки на законското решение да ги даде на ЕНЕР, како што тоа го направила ЛКМ.

    „Дадовме забелешка со која се предлага основната плата да се утврдува така што просечната плата во републиката се множи коефициент 2,5 за општи доктори, со коефициент 2,7 за доктори специјализанти, со коефициент 3,5 за доктори специјалисти и коефициент 3,8 за доктори супспецијалисти. Тоа значи дека платите ќе бидат од 60 илјади до 100 илјади денари, што не е недостижно“, рече Гривчева-Старделова.

    Министерот вели дека со предложеното законското решение се утврдува стручниот надзор на работата на лекарот, потоа дека треба да го чуваат, унапредуваат достоинството на професијата, преку одговорно, професионално однесување со почитување на прописите, правилата на струката и кодексот на медицинската етика и деонтологија. Тој додава и дека Законот ги ограничува лекарите да не се дозволи нивно поврзување со комерцијални активности за лична корист.

    „Сакам да потсетам дека лани платите во здравствениот сектор се зголемени за 5%, во јануари годинава дополнително се зголемија платите на медицинските сестри за 5%, а на докторите специјалисти за 10%, а во септември оваа година ќе има уште едно зголемување од 5% за останатите здравствени работници. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурствата, ноќен труд и дополнителна работа на медицинскиот кадар, и со тоа се создаде слика во која вкупните месечни приходи се зголемени за 40%, а некаде и до 50% кај дел од лекарите“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари