НЕ Е ТРАЈКО БОЛКАТА, КОАЛИЦИЈАТА НА СДСМ И ДУИ ЈА ТРЕСЕ ИДНИНАТА НА СЈО

    НЕ Е ТРАЈКО БОЛКАТА, КОАЛИЦИЈАТА НА СДСМ И ДУИ ЈА ТРЕСЕ ИДНИНАТА НА СЈОДУИ бара ова СЈО да си згасне по закон и да се формира ново за висока корупција. - Али Ахмети; Катица Јанева; Зоран Заев (Фото: СДК.МК)

    Пропаднал и синоќешниот обид на владината седница да биде ставен предлог-законот за Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ), со кој се вклопува СЈО во него, ама сосе истрагите што ги почна против актуелни функционери, меѓу кои се и Али Ахмети и Бујар Османи. ДУИ смета дека не може СДСМ сам да си ги носи овие законски измени и вели дека деновиве ќе работи на усогласување на ставовите.

    Главната пречка во коалицирањето и причина за тензија меѓу коалиционите партнери во моментов не е спасувањето на Трајко Вељаноски и на Љупчо Димовски од притвор од страна на ДУИ, велат во СДСМ, туку тоа што во законот е предложено сите почнати истраги да продолжат кај СЈО.

    Новиот закон, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, предвидува сите истраги што ги отвори Специјалното обвинителство по 30 јуни 2017 година, заедно со преземените од редовните обвинителства, да продолжи да ги води докрај и да поднесе обвиненија. Со тоа автоматски се суспендира мислењето на Врховниот суд, кој ги забрани истрагите на СЈО по 30 јуни 2017 година, а во кои се и против сегашни и поранешни високи функционери и бизнисмени, како Али Ахмети, Сашо Мијалков, Бујар Османи, Орце Камчев, Игор Јанушев, Цветан Панделески, Антонијо Милошоски, Жарко Луковски, Зоран Ставрески и други.

    Законот е изготвен од Министерството за правда, но за него СДСМ и ДУИ сè уште не може да се договорат. Едните велат дека ДУИ молчи 10 дена за новиот статус на СЈО, а другите дека министерката за правда Рената Дескоска им го испратила кога се случила автобуската несреќа. Три дена бевме по погреби и болници, притоа се надоврза имунитетот на Вељаноски, кога да седнеме и да работиме на новиот закон, прашуваат од ДУИ.

    ДУИ вели дека се консултира со обвинители, со фелата и прашува: „Зошто новото Обвинителство за гонење висока корупција мора да се поистоветува со СЈО? СЈО е ад хок формирано обвинителство и по завршувањето на мандатот според законот, треба да згасне“.

    „А каде е тука мислењето на Врховниот суд, треба и за тоа да се разговара“, им кажала фелата обвинители со кои се консултирале ДУИ.

    Додека да се најдат коалиционите партнери да се договорат за СЈО, има само уште 4 дена до март, а услов од Европската комисија за Република Северна Македонија да добие датум за преговори е до март да биде законски решен статусот на СЈО.

    Наспроти тврдењето на Владата и на Министерството за правда, ДУИ тврди дека меѓународната заедница бара да се основа ново обвинителство за високопрофилна корупција и тоа да не биде тоа сегашното СЈО.

    Што е тоа што не го прифаќа ДУИ за идниот статус на СЈО? Во Владата и во Министерството за правда тврдат дека предложеното законско решение добило позитивна оценка од меѓународната заедница, која бара СЈО да продолжи да работи. Но, во партијата на Ахмети велат: „Кој ќе го гласа тој закон? Меѓународната заедница? Немаме двотретинско мнозинство. Тој е консензуален закон и треба да се согласат и независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ“.

    Во ДУИ сметаат дека во предложеното решение од министерката Рената Дескоска има неуставни одредби во однос на субординацијата, со паричните додатоци специјалните обвинители ги става во надредена положба во однос на останатите.

    „ДУИ ја поддржува работата на СЈО во својата надлежност за делата кои што произлегуваат од нелегално прислушуваните материјали, додека за новата институција во рамките на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ), за гонење корупција од висок профил, ги усогласуваме ставовите во рамки на коалицијата, но и со другите парламентарни партии“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Артан Груби, координаторот на пратеничката група на ДУИ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари