НЕ НИ ТРЕБА ЕУ ПО ЦЕНА НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ЗАЕВ

    НЕ НИ ТРЕБА ЕУ ПО ЦЕНА НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ЗАЕВЕврокомесарот Вархеји и премиерот Заев при вчерашната посета на пунктот за вакцинација во салата „Борис Трајковски“. (Фото:Ѓ.Личовски)

    Премиерот Заран Заев вели дека по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, не ни треба Европската Унија. Изјавата на Заев доаѓа откако вчера еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји при посетата на Скопје кажа дека уште не е сигурно дали земјава ќе ги почне преговорите во јуни и дека е можно  разделување на Северна Македонија и Албанија од преговарачкиот пакет.

    Заев одговарајќи на новинарско прашање во Ресен за можноста да не се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ ако не се најде решение за спорот со Бугарија, кажа дека не постои договор кој може да каже како се чувствуваме и на кој јазик зборуваме, тоа е европска вредност и се надева дека на европски начин ќе се најде решение со Бугарија.

    „Нашите стратешки партнери  САД и ЕУ се тука да разработат креативни идеи, да споделат искуство, но ние сме тие кои ја носиме одлуката. По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европската унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена во ветрот. Кој тоа ќе влезе во ЕУ? Не постои договор кој го договара тоа како се чувствуваме и каков јазик зборуваме и на крајот тоа е европска вредност и затоа Европа стои зад нашите позиции. Но, драго ми е што Бугарија признава и кажува дека тие немаат проблем со реалноста за македонскиот јазик и за македонскиот народ, но ајде вика да ги утврдиме корењата. Ќе ги најдеме и корењата ако бидеме паметни на европски начин. Сите ние сме почитувачи на нашето минато, но сме обврзани да ја креираме иднина колку што може подобро. Колку повеќе се сплотиме толку повеќе благодет ќе почувствува овој наш народ“, рече Заев.

    Еврокомесарот Вархеји вчера одговарајќи на новинарско прашање дали земјава има  шанси да ги почне преговорите со Европската унија во јуни, кажа ‘Навистина многу тешко прашање, работиме многу напорно и ќе продолжиме, но не сме до крајната цел‘.

    „Да Албанија ги има исполнето сите услови и ако не се постигне договор за случајот на Северна Македонија мислам дека ќе дојде и тој момент кога ќе треба да разгледуваме и други опции. Денеска разговарав за ова прашање со премиерот Заев и се согласивме дека мора да се направи напредок од двете страни“, рече Вархеји.

    Вчера од Стејт Департментот изјавија дека САД се убедени дека Бугарија и Северна Македонија ќе најдат решение преку преговарање за нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ.

    „Историскиот Преспански договор покажа дека државите во Западен Балкан се способни да исполнуваат тешки работи, да прават компромиси и да наоѓаат решенија. Убедени сме дека Бугарија и Северна Македонија ќе го направат истото преку преговарање на нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ. САД ги охрабруваат сите напори на ЕУ и нејзините земји-членки да им помогнат на страните полесно да го постигнат овој резултат“, рече портпаролот на Стејт департментот во изјава за “Гласот на Америка на македонски јазик“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира