НЕ СЕ ПОЗДРАВУВАВ ЈАС СО ЛУЃЕТО ШТО ВЛЕГОА ВО СОБРАНИЕ, ТИЕ СЕ ПОЗДРАВУВАА СО МЕНЕ, И ЈАС БЕВ ИСПЛАШЕН, ВЕЛИ ОБВИНЕТИОТ ПРАТЕНИК ЉУБЕН АРНАУДОВ

    НЕ СЕ ПОЗДРАВУВАВ ЈАС СО ЛУЃЕТО ШТО ВЛЕГОА ВО СОБРАНИЕ, ТИЕ СЕ ПОЗДРАВУВАА СО МЕНЕ, И ЈАС БЕВ ИСПЛАШЕН, ВЕЛИ ОБВИНЕТИОТ ПРАТЕНИК ЉУБЕН АРНАУДОВ„И јас бев таму, и јас бев исплашен“, рече пратеникот Љубен Арнаудов, кој е еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за време на организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Обвинетиот пратеник Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја пречека толпата која го нападна Собранието на 27 април лани, ги негира снимките од безбедносните камери што ги виде целата јавност на кои се гледа како се поздравува со наппаѓачите. На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, пред влегување на судењето за 27 април, зошто се поздравува и ги дочекува тие што го нападнаа законодавниот дом, вели дека тие се поздравувале со него, а не тој со нив, што е спротивно на тоа што се гледа на снимките.

    На наше прашање дали некогаш се обидел да размисли како им беше на нападнатите пратеници од СДСМ, од ДУИ, Алијансата, на Зијадин Села, на новинарите, вработените во Собранието при организираниот напад, Арнаудов одговори „И јас бев таму, и јас бев исплашен“.

    „А кои беа напаѓачите што ве исплашија, кои беа насилниците таа вечер?”, го прашавме Арнаудов.

    „Не знам кои се“, рече Арнаудов.

    „Писмото-проглас го напишавме сите обвинети заедно, за да заземе судењето правилен тек“, рече тој за писмото од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за време на организираниот напад во Собранието на 27 април 2017, кое вчера беше објавено и во кое бараат национално помирување и го нарекуваат лидерот на ВМРО-ДМПНЕ  Христијан Мицкоски предавник оти ги излажал дека ќе го заложи имотот на партијата за нивна одбрана и ќе поднесе закон за амнестија.

    На нашето прашање што значи правилен тек, Арнаудов кажа дека нема да се меша во одлуките на Судот и дека ќе ги почитува сите одлуки што ќе ги донесе.

    Арнаудов ги негираше тврдењата на Мицкоски дека бил уценуван за да гласа за почнување на уставни измени. Тој е еден од 7-те пратеници кои се исклучени од партијата оти на 19 октомври гласаа за почеток на уставите измени согласно Договорот за името со Грција.

    Пратениците Арнаудов, Крсто Мукоски и Сашо Василевски минатата недела беа ослободни од куќен притвор. Од обвинетите остануваат во притвор во Шутка уште единаесетмина и уште толку во  куќен притвор.

    Во писмото-проглас обвинетите велат дека даваат поддршка на опозициските пратеници кои гласаа „за“, но сметаат дека мора да се гарантира македонскиот идентитет. Го повикаа ИК на ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита одлуката на Мицкоски за исклучување од партијата на пратениците кои гласаа за почеток на уставните измени, и рекоа дека секој притисок врз опозициските пратеници ќе се смета и за напад врз обвинетите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира