НЕМА БРИШЕЊЕ ОД ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ПОРАДИ НОВА ЛИЧНА КАРТА ИЛИ ПАСОШ, ЌЕ СЕ ГЛАСА И ВО СТАРСКИТЕ ДОМОВИ, СПОРЕД ПРЕПОРАКИТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    НЕМА БРИШЕЊЕ ОД ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ПОРАДИ НОВА ЛИЧНА КАРТА ИЛИ ПАСОШ, ЌЕ СЕ ГЛАСА И ВО СТАРСКИТЕ ДОМОВИ, СПОРЕД ПРЕПОРАКИТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ„Конечно е надминат системскиот пропуст во начинот на ажурирање на Избирачкиот список, кој со години на илјадници граѓани неоправдано им го кршеше уставно загарантираното право на глас“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител. (Фото: СДК.МК)

    Од Избирачкиот список веќе нема да се бришат лицата на кои важноста на личните карти или патните исправи ќе им истече во периодот по распишувањето на изборите, иако тие во меѓувреме извадиле нови или ги обновиле старите. Со последните измени на Изборниот законик сега сите овие лица ќе останат на Избирачкиот список, а нема да може да гласаат единствено ако на денот на гласањето немаат вежечки лични карти или патни исправи.

    „Системскиот пропуст во начинот на ажурирање на Избирачкиот список, кој со години на илјадници граѓани неоправдано им го кршеше уставно загарантираното право на глас, а за кој и Народниот правобранител со години алармираше и во неколку наврати доставуваше посебни извештаи до Владата и Собранието на Република Северна Македонија, конечно е надминат“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети.

    Со последните измени на Изборниот законик, за првпат се  имплементирани сите досегашни препораки на Народниот правобранител, меѓу кои е и воведувањето законска обврска за надлежните институции, на затворениците како и на оние што се во притвор да им обезбедат навремено информирање за остварување на избирачко право и за можноста за вадење на нови лични карти.

    „Конкретно, констатација на Народниот правобранител беше дека 30 до 50% од лицата кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор не можеа да гласаат, од причина што не се запишани, односно ги нема на Избирачкиот список поради немање валидни лични карти. Откако на ланските претседателски избори од Државната изборна комисија беше спроведен пилот проект за гласање во два старски дома во Скопје, сега на сите лица кои се сместени во установи за вонсемејна грижа, ДИК е должна по нивна пријава да им обезбеди услови да гласаат во нив“, велат од Канцеларија на Народниот правобранител.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари