НЕМА ДА ИМА НОВИ СПОМЕНИЦИ И ПРЕИМЕНУВАЊА, ТРЕБА ДА ГРАДИМЕ ИДНИНА, КАЖА ДИМИТРОВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА ГРЧКА ТЕЛЕВИЗИЈА

    НЕМА ДА ИМА НОВИ СПОМЕНИЦИ И ПРЕИМЕНУВАЊА, ТРЕБА ДА ГРАДИМЕ ИДНИНА, КАЖА ДИМИТРОВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА ГРЧКА ТЕЛЕВИЗИЈАДимитров не е горд на новиот изглед на зградата на владата. Порано тоа беше наградувана, светла и транспарентна зграда, каква што треба да биде Владата - Министерот за надворешни работи на интервјуто за „Скаи“ (Фото: принтскрин/Скаи ТВ)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров кажа дека не ги одобрува спомениците изградени од претходната власт и дека не се плаши да го каже тоа пред македонската и грчката јавност во синоќешното интервју за грчката телевизија „Скај“. Димитров, кој денеска во Атина ќе се сретне со неговиот колега Никос Коѕијас, рече дека владата на Заев засега не им придава големо значење на спомениците, но дека праксата на поставување споменици и преименувања е завршена.

    „Не ги одобрувам спомениците и не се плашам да го кажам тоа пред грчката и македонската јавност. Мислам дека не е паметна политика да се воспоставуваат толку важни билатерални односи врз основа на работи што се случиле во далечното минатото. Треба да изградиме подобри сегашност и иднина. Дали ќе направиме нешто во врска со тоа, не знам. Новата влада не им дава големо значење на спомениците“, изјави Димитров.

    Прашан од грчкиот водител да ја искоментира изјавата на Заев во Брисел дека е прескапо да се рушат спомениците, министерот одговори:

    „Тој е политичар, како што сум и јас, но, секако, тој е претседател на новата реформска влада. Мора да води, но мора и да го почитува јавното мислење, но можам да ви кажам дека дефинитивно нема да видите нови именувања и нови споменици. Јас имав мала канцеларија во зградата на владата. Кога беше изградена доби многу меѓународни награди, беше многу светла, отворена, транспарентна зграда, како што е логично да биде транспарентна зграда на влада. Сега е нешто што не е автентично и навистина не сум горд, Ќе видиме што ќе се случи, само 12 дена поминаа од формирање на новата влада“.

    Во интервјуто, Димитров се наврати и на грчката блокада на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
    „Јас бев на Самитот во Букурешт во 2008 година и тоа веројатно беше еден од најтешките денови во мојот живот. Бев и преговарач за надминување на спорот со името со нашите грчки пријатели. Тоа беше голем неуспех за нас. По однос на прашањето дали ветото беше само од Грција или од цел НАТО, во НАТО треба да има консенсуз за примање, а не за непримање. И Судот во Хаг јасно кажа во пресудата дека Грција ја прекршила спогодбата со блокада, но јас сакам да гледам напред“, рече министерот за надворешни работи.

    Димитров беше и директно прашан дали намерата на новата влада е да влезе во НАТО со привременото име.
    „Да, со референцата“, кусо одговори тој.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира