Владејачката СДСМ најави дека во изборната кампања нема да одржуваат митинзи и собири, но ќе размислат дали ќе организираат мали средби со граѓани. Од партијата велат дека кампањата ќе им се фокусира во онлајн претставување на програмата и кандидатите за пратеници.
„Сметаме дека не треба да има митинзи за време на кампањата и собири од таков тип, нема да организираме. Во делот на водење кампања и претставување на кандидатите и програмата, најголем фокус ќе се стави на медиумското претставување, онлајн видео настани и друг тип на дигитална комуникација. Единствено може да се разгледа можноста за организирање мали средби под строго утврдени услови, исклучиво според протоколите донесени од здравствените институции за заштита на граѓаните од КОВИД-19“, се вели во соопштението на СДСМ.
После лидерската средба во вторникот, 12 мај кај претседателот Стево Пендаровски, на која се разговараше за датум за одржување на изборите, по барање на политичките партии Комисијата за заразни болести изработи протоколи според кои може да се води кампањата и да се организира денот на изборите.
Според протоколите се дозволува одржување на собири и одење од врата до врата, но треба да се носи заштитна маска и да се држи растојание од 2 метри меѓу учесниците. Се препорачува на собирите да се носи разглас за да не се групираат учесниците.
Датумот за одржување на парламентарните избори сѐ уште не е договорен и треба да биде усогласен на лидерската средба која ќе се одржи наредната недела кај претседателот Стево Пендаровски. Лидерот на СДСМ Зоран Заев предлага изборите да се одржат на 14 јуни, додека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не сака да лицитира со датуми додека не се задоволеле сите критериуми за заштита на граѓаните на коронавирусот.
Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, но беа одложени по прогласувањето на вонредната состојба поради пандемијата на КОВИД-19.
А. АНТЕВСКА