Министерот за здравство Венко Филипче вели дека нема места за прием на нови пациенти со ковид-19 на инфективните одделенија во Прилеп, Струмица, Велес и во Куманово, и дека во Скопје прво ќе се носат на Инфективната клиника и во монтажната болница. Според него, пациентите по претходен договор од Куманово се препраќаат во Скопје, или во од Прилеп во Битола.
На сите инфективни одделенија во државата хоспитилизирани се 414 лица сомнителни и позитивни и ова е најголем број на хоспитализација од крајот на јули, рече тој .
„Во Скопје на Инфективна клиника има околу 20-тина празни места, а спремна да прими пациенти е и модуларната болница каде има 72 кревети. Во Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’ има 40 пациенти, но во Скопје прво ќе ги примаме пациентите на Инфективната клиника и во модуларната болница, за да може Болницата покрај делот кој е целосно наменет само за ковид пациенти да продолжи со нормална работа која е во функција од почетокот на септември“, кажа министерот на прес-коференцијата во Владата.
Во последните 24 часа регистрирани се 364 нови болни од коронавирус.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 4 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 86 пациенти. На кислородна поддршка се 45 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 3 деца и 3 мајки позитивни на ковид-19, а хоспитализирани се 2 деца и 2 мајки суспектни на вирусот.
Во „8 Септември“ примени се 3, а вкупно хоспитализирани се 40 пациенти. На респиратор се 4 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 17, а во болницата во Штип се 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 207, позитивни и сомнителни на ковид-19.
„Има места во Охрид, Гостивар и во Тетово. Во болницата во Струмица има 46 пациенти и од утре ќе се подготвува капацитеот на новото крило. Целосно е спремна болницата во Кочани, досега таму нема хоспитилизирани пациенти за тој регион. Таму има 60 кревети, 2 интернисти и 2 анестезиолози.
Во болницата во Кавадарци има 14 кревети, и значителен број на слободни кревети има во болницата во Тетово. Потребно е совесно однесување за да не ги пренатрупаме болниците“, кажа министерот.
Б. НЕСТОРОСКА