НЕМА ВРЕМЕ ЗА ОДЛАГАЊЕ, ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ПОКАЖАТ ОДГОВОРНОСТ И ИТНО ДА ГИ ДОНЕСАТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ОТКАКО ВМРО-ДПМНЕ ПОБАРА ВРЕМЕ ДА ГИ РАЗГЛЕДА

    НЕМА ВРЕМЕ ЗА ОДЛАГАЊЕ, ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ПОКАЖАТ ОДГОВОРНОСТ И ИТНО ДА ГИ ДОНЕСАТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ОТКАКО ВМРО-ДПМНЕ ПОБАРА ВРЕМЕ ДА ГИ РАЗГЛЕДАФилипче вели дека нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна и мора што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки и да се спречи понатамошно ширење на вирусот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пратениците да покажат одговорност и итно да ги донесат мерките за заштита од ковид-19 кои се во Собранието, побара министерот за здравство Венко Филипче откако измените на Законот за заштита на населението од заразни болести не се најдоа на дневен ред на денешната седница, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ побарала време да ги разгледа. Со измените задолжително ќе биде носење маска на отворено, се забранува групирање на отворено после 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на 4 лица.

    Филипче вели дека нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна и мора што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки и да се спречи понатамошно ширење на вирусот.

    „Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави“, напиша Филипче на својот фејсбук профил.

    За предложените законски измени на Законот за заштита на населението од заразни болести сега би требало да се расправа на седница на 27 октомври, кога се очекува на работа да се вратат и двајцата пратеници позитивни на ковид-19 од мнозинството, Лазе Танески од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ.

    Министерот Филипче побара и од граѓаните доследно да ги почитуваат мерките кои веќе се на сила бидејќи болниците се полнат и следат ризичните есенски и зимски месеци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира