НЕМАМЕ ВЕЌЕ ЕНЕРГИЈА ЗА БУГАРИЈА, ЈУНИ Е ПОСЛЕДНАТА ШАНСА ЗА ЕУ, ВЛАДАТА ПОЧНУВА СТРАТЕШКИ ДИЈАЛОГ СО САД, ИЗЈАВИ ОСМАНИ

    НЕМАМЕ ВЕЌЕ ЕНЕРГИЈА ЗА БУГАРИЈА, ЈУНИ Е ПОСЛЕДНАТА ШАНСА ЗА ЕУ, ВЛАДАТА ПОЧНУВА СТРАТЕШКИ ДИЈАЛОГ СО САД, ИЗЈАВИ ОСМАНИДоколку Бугарија и во јуни не го тргне ветото, односите нема да бидат замрзнати, но повеќе Владата нема да биде насочена кон ова прашање.-премиерите Ковачесвки и Петков со државниот секретар на САД Ентони Блинкен на маргините на Минхенската безбедносна конференција на 19 февруари. (Фото: Влада)

    Македонија на 2 јуни во Вашингтон почнува процес на стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави, но тоа нема врска со еветуалното повторно вето од Бугарија за почнување преговори со Европската унија и Самитот на ЕУ во јуни на кој повторно би се нашло прашањето за европската иднина на Македонија.

    Дијалогот го водат двете Влади, односно нашето Министерството за надворешни работи и американскиот Стејт  Департмент. Како што кажа на прес конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи продолжувањето на соработката со САД доаѓа 14 години по потпишувањето на договорот за стратешко партнерство и со овој дијалог се подигнуваат односите на едно повисоко ниво.

    Тој рече дека Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе одржи стратешки дијалог со САД.

    „На првата средба фокусот ќе биде одбраната, економијата и енергетиката, но ќе се отворат теми и за сајбер заштита, конкретни иницијативо во делот на култура, образованието и движење на нашите граѓани во САД. Со ова ги подигнуваме нашите односи на едно повиско ниво, во фокусиран процес на имплетација и мониторирање на процесите“, кажа министерот за надворешни работи Османи на денешната прес-конференција.

    Почнувањето на стратешкиот дијалог со САД се поклопува со Самитот на Европската унија во јуни кога земјава се надева дека Бугарија конечно ќе го тргне ветото за почнување на преговорите со Европската унија. Османи денеска прв пат јавно кажа дека јуни е последната шанса за решавање на спорот за Бугарија и дека ниту Владата ниту граѓаните веќе немаат енергија да минуваат низ овој процес на надежи и фрустрации. Рече дека и на САД и на европските партнери им е јасно што сѐ имаме направено во овој процес на преговори и затоа сите се согласуваат дека топката веќе не е во Скопје, туку во Софија и Брисел и затоа напорите се прават таму.

    „Дијалогот со Бугарија продолжува, се надаваме дека во наредниот период ќе има конкретни чекори, но едно е јасно и тоа им го кажуваме на сите – прво дека не е веќе прашање на Скопје и второ, дека можеби ова е единствената и последната шанса за да се спасат односите со Бугарија. Сметам дека понатаму ќе има сè помалку политичка енергија кај Владата па и целото општество да се посвети во решавање на ова прашање, кое толку троши и политички, но ги троши и граѓаните во овие континуирани процеси на надежи и фрустрации. Должни сме повеќе да не ги изложуваме граѓаните на такви бесконечни фрустрации и разочарување и еден ден треба да се стави црта, да се каже: Доста е! Не можеме како Влада повеќе да се занимаваме само со едно прашање, ќе мора да се фокусираме внатре, да продолжиме со реформите“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање за односите со Бугарија.

    Должни сме повеќе да не ги изложуваме граѓаните на бесконечни фрустрации и разочарување и еден ден треба да се стави црта, да се каже: Доста е! – Османи на прес конференцијата на која го најави стратешкиот дијалог со САД – (Фото: МНР)

    Доколку Бугарија и во јуни не го тргне ветото, односите како што кажа Османи нема да бидат замрзнати, но повеќе владата нема да биде насочена кон ова прашање, туку амбасадорката во Бугарија ќе биде таа што ќе ги води разговорите.

    „Направивме сѐ што можеше и не можеше да се направи. До лето треба да продолжиме со максимални напори како ова да ќе успее. Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност. А потоа да излеземе и да кажеме дека не можеме веќе граѓаните да ги малетретираме и да ги изложуваме на ваков процес, а притоа ги исполнуваме сите услови. Ние направивме сѐ и тоа го знаат сите напи партнери и тоа нас ни беше важно. Дали ќе успее ќе зависи од тоа што ќе се одлучи од Софија и што ќе одлучи ЕУ“, додаде Османи.

    Османи кажа дека почнувањето на стратешкиот договор со САД не треба да со поврзува со евентуалното повторно вето од Бугарија.

    Уште лани, ваков пресврт во надворешната политика најави претседателот Стево Пендаровски. Тој во јуни 2021 на една панел дискусија рече дека „ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме добри вести од Брисел. Во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато имаме две опции, да ја донесеме Европа дома и второ, според мене треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година“

    На 7 мај 2008 беше потишана Декларација за стратешко партнерство и соработка меѓу Македонија и САД. Декларацијата беше потпишана од тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски и државната секретарка Кондолиза Рајс. Тоа дојде како еден вид компензација од САД откако на Самитот на НАТО во Букурешт во април 2008 Грција стави вето на членството на Македонија во НАТО, иако тогашниот американски претседател Џорџ Буш најави дека Хрватска, Албанија и Македонија во пакет ќе бидат примени во НАТО. Со декларацијата се гарантираше безбедноста на Македонија, без тоа да биде замена за членство во НАТО, а се потенцираше и определбата за зајакнати трговски и економски односи, како и можноста да се интензивираат релациите меѓу граѓаните на двете земји, преку промоција на културна и образовна размена.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира