НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА НЕМА ДА СЕ ПРИМААТ НИТУ ВО УЧИЛИШТЕ, НИТУ ВО ГРАДИНКА, ИМА ДОВОЛНО ВАКЦИНИ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА НЕМА ДА СЕ ПРИМААТ НИТУ ВО УЧИЛИШТЕ, НИТУ ВО ГРАДИНКА, ИМА ДОВОЛНО ВАКЦИНИ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕСпоред постоечките закони и според одлуките на Уставниот суд, никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак со својата волја има право да го загрозува правото на детето да биде здраво, вели министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Невакцинирани деца освен во градинките нема да се примаат ниту во училиштата, рече денес министерот за здравство Венко Филипче, откако Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата од Министерството за здравство, а на предлог на Комисијата за заразни болести, да се прогласи епидемија од мали сипаници во целата земја.

    Според министерот, нема потреба да се менува законската регулатива за да се бара детето да биде вакцинирано при прием во градинка и училиште, бидејќи мултисекторската група од Министерствата за здравство, за образование и за труд и социјална политика дошла до заклучок дека имунизацијата е задолжителна и со постоечките законски решенија. Оваа група беше формирана кон крајот на минатата година, откако беше прогласена мини епидемија во скопската населба Радишани, а родителите реагираа оти здравствените власти најавија дека невакцинирани деца нема да се примаат во градинките и училиштата.

    „Ќе повторам, ниту едно дете нема да биде примено ниту во градинка ниту во училиште, кое е невакцинирано. Мултисекторската група ги разгледуваше сите важечки закони. Дојдовме до заклучок дека има позитивна законска регулатива и покрај таа контрадикторност во Законот за основно образование, каде стои дека образованието е задолжително за секое дете. Но, има и јасно и прецизно дефинирани членови во Законот за здравствена заштита во Законот за заштита на населението од заразни болести и има правилници каде се кажува дека вакцинацијата е задолжителна и со кои се кажува дека децата мора да се вакцинираат“, рече Филипче, на одбележување на Светскиот ден на хемофилијата 17 април.

    Тој кажа дека дополнително ова е потврдено и со одлуки на Уставниот суд, кој одлучувал по преставки на родители од 2014 и 2015 година.

    „Според овие одлуки, никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак со својата волја има право да го загрозува правото на детето да биде здраво“, рече Филипче.

    Комисијата за заразни болести вчера одлучи да препорача да се прогласи епидемија на мали сипаници, откако минатата недела беа регистрирани над 120 заболени од морбили, од кои 60 отсто надвор од Скопје и што од почетокот на годината до минатата недела веќе 6 региони имаат прогласено епидемија, во кои живее над 55 отсто од наслението.

    Според препораките од Комисијата, освен забрана да се примаат невакцинирани деца во градинките, се донесе мерка строго да се почитуваат правилата за движење низ здравствените установи, да се вакцинираат здравствените работници кои немаат доказ за нивниот вакцинален статус со две дози на МРП вакцината, како и центрите за јавно здравје и здравствениите домови да им понудат вакцинација на сите лицата на возраст од 14 до 45 години да се вакцинираат.

    Филипче рече дека по вчерашните препораки од Комисијата, сега се вклучени и другите возрасни групи и вакцини има доволно.

    „Веќе има и нови количини од новата набавка. До петок ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје во вакциналните пунктови во здравствените домови, и во овој момент нема некој центар што нема. Залихите од претходната набавка се при крај и вакцини ќе има за сите возрасни групи за кои е препорачано вакцинирањето“, рече Филипче.

    На новинарско прашање зошто неколку центри за јавно здравје алармирале за недостиг од вакцини, министерот кажа дека во случајот не станувало збор за МРП вакцината.

    „Имаше недостаток на еден одреден тип на вакцини, затоа што со постапката за набавка тој тип на вакцина се замени со сосем нов. Стануваше збор за ревакцина, и не станува збор за морбили. Ние ја заменивме со нов ацелуларен тип, кој дава многу помалку реакции при ревакцинирањето и е тренд во светот. Тоа беше причина зошто од одредени вакцини имаше недостаток, но со добивање на новите количини и тој недостаток ќе се реши“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира