НИКОЛА ДОДЕВСКИ НЕ МОЖЕ ДА ГО БРАНИ ГРУЕВСКИ ВО „ТАЛИР“, ПОВИКАН Е ЗА СВЕДОК ВО СЈО

    НИКОЛА ДОДЕВСКИ НЕ МОЖЕ ДА ГО БРАНИ ГРУЕВСКИ ВО „ТАЛИР“, ПОВИКАН Е ЗА СВЕДОК ВО СЈОПоранешниот премиер Никола Груевски и адвокатот Никола Додевски по распитот за случајот „ТНТ“ на 10 јуни, 2016. (Фото: СДК.МК)

     

    Никола Додевски, адвокат на осомничениот експремиер Никола Груевски во сите истраги што ги води СЈО против него како и во судскиот процес за шамарите за градоначалникот Андреј Жерновски, за големиот случај „Талир“ за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ нема да може да му биде адвокат на лидерот на партијата.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, Додевски во овој случај ќе биде повикан за сведок и затоа нема да може да ги брани не само Груевски, не само Мартин Протоѓер, Илија Димовски, Емил Димитриев, Кирил Божиновски и останатите шестмина осомничени за перење на 4,9 милиони евра, туку овојпат ќе нема ни контрола врз она што го дале осомничените и сведоците како исказ во СЈО за „Талир“.

    Во Специјалното обвинителство ни потврдија дека Додевски ќе биде повикан за сведок во овој случај, но не кажуваат во какво својство, дали како правен застапник на ВМРО-ДПМНЕ кога се вршеле злоупотребите и перењето пари од донации во партијата на Груевски, како донатор или нешто друго.

    Додевски, незнаејќи дека ќе биде сведок во оваа истрага, вчера дојде во СЈО заедно со осомничениот експремиер Емил Димитриев, како негов бранител. Но, кога влегол со неговиот клиент, веднаш бил оспорен како адвокат, со образложение дека не може да биде бранител во овој случај. Димитриев останал без адвокат, но немал ни потреба, бидејќи вчера повиканите осомничени не даваа исказ пред обвинител, туку како што изјавија тие што се одзваа на поканите, во СЈО само им биле соопштени нивните права за увид во доказите.

    Откако со Димитриев излегоа од кај обвинителот, Додевски само ги одмина новинарите и за првпат не застана до негов клиент кога дава изјава. Во неколку случаи дури и тој има давано изјави, место осомничените високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ што ги застапува.

    Додевски, кој е и претседател на Адвокатската комора на Македонија, од првата отворена истрага на СЈО „Титаник“ до сега, е адвокат на сите осомничени буквално во сите случаи што ги отвори ова обвинителство. Тој е во исто време адвокат на Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Едмонд Темелко, Елизабета Канческа – Милевска. Додевски е адвокат и на Сеад Кочан и  уште јавноста ја убедува дека два месеца по одредувањето на мерката притвор тој не бил во бекство, туку на службен пат. Додевски е со сите осомничени од СЈО, како на распит во СЈО, така и пред судија на претходна постапка, но и на судењата за палењето на списите во УБК каде главен обвинет е Горан Грујовски и за насилствата во Општина Центар и нарачувањето на шамарите за Жерновски од Груевски, каде првообвинет е токму тој.

    Ова е првпат Додевски да нема апсолутна контрола, и тоа во еден од најголемите случаи што ги поведе СЈО, кое на прес-конференција кажа дека во раце има материјални докази како претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски и уште осуммина членови на највисокото раководство на партијата, овластени потписници на сметки и двајцата директори на Центарот за комуникации, како и уште две лица кои им помагале, во периодот од 1.01.2009 до 31.12.2015 година на незаконски начин стекнале имот од 4,9 милиони евра.

    На прес-конференцијата на 22 мај годинава, СЈО објави дека од доказите што ги има, во 2013 и во 2015 дневните уплати на сметката на ВМРО-ДПМНЕ во просек изнесувале над 30 илјади евра од членството. Во 2014 просекот на дневната ваква уплата на донации од членови на партијата достигнувал до 22 илјади евра.

    „Голем дел од уплатниците се пополнувани со ист ракопис. Уплаќани се за 12 секунди по уплатница. Тоа се само дел од доказите за основано сомневање дека станува збор за перење пари. Станува збор за 11.886 такви уплатници со кои биле внесени на жиро-сметката на ВМРО-ДПМНЕ 4,9 милиони евра“, рече обвинителката Ленче Ристоска.

    А обвинителката Фатиме Фетаи подетално објасни како бил извршен криминалот: „Првоосомничениот од периодот 1.01.2009 година до 31.12.2015 година, овозможил финансирање на партијата, спротивно на законот. Неговите мотиви биле исклучиво од лична природа, а биле поврзани со зацврстување на неговата политичка улога и позиција во партијата и во државата. Тој ги прифатил незаконските средства дадени на ВМРО-ДПМНЕ како донација, и место да ги врати во буџетот да бидат искористени за хуманитарни цели, тој ги задржил и со тоа овозможил противзаконски капитал за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањата“.

    Фетаи рече дека Груевски со парите од кривичното дело што го сторил, формирал група лица која се занимава со перење на пари и заедно со нив, овозможиле овие незаконски стекнати средства преку месните организации на ВМРО-ДПМНЕ да бидат внесени на жиро-сметката на партијата.

    „Внесувањето на средствата било вршено преку готовински уплати, при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството на ВМРО-ДПМНЕ“, објасни Фетаи.

    Груевски вчера не дојде во СЈО, оти немал добиено уредна покана. Не дојдоа ни Илија Димовски, Кирил Божиновски, ни Мартин Протоѓер. Ни тие не добиле уредна покана. Пред СЈО за случајот „Талир“ од осомничените дојдоа само Емил Димитриев, Даниела Рангелова и Миле Јанакиески.

    Додевски си замина, по извесно време пред СЈО дојдоа други адвокати да го заменат за случајот „Талир“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира