НОВИНАРИТЕ И МЕДИУМСКИТЕ РАБОТНИЦИ БЕСПЛАТНО ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ ЗА КОВИД-19

    НОВИНАРИТЕ И МЕДИУМСКИТЕ РАБОТНИЦИ БЕСПЛАТНО ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ ЗА КОВИД-19Министерот за здравство Венко Филипче на денешниот состанок со претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски. (Фото: Министерство за здравство)

    Новинарите и медиумските работници во наредните денови бесплатно ќе бидат тестирани на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Бесплатниот скрииниг е на барање на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), откако кај нив било пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени.

    Во земјава досега починаа двајца медиумски работници по компликации од коронавирус.

    Според Министерството, во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на вирусот ковид-19.

    Скринингот ќе се спроведе во два круга. Во првиот круг ќе бидат опфатени новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми, со цел да се утврди дали и колку од вработените се заразени.

    „Ова ќе придонесе да се спречи ширење на болеста во овие редакции каде има поголем број на лица кои работат во исто време во ограничен простор. Според првичната проценка, целта е да се опфатат најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од 3 дена, а во зависност од исходот на ова соодветно ќе се планира временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Поголемите редакции утре ќе добијат подетални информации за да се направи соодветен распоред за спроведување на скринингот. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг.

    Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата има 6.625, оздравени се 2.748, починати се 321, 3.556 се активни, а во изминативе 24 часа имаше 15 починати, што е  рекорден број од почетокот на коронакризата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира