ОБРАЗЛОЖЕНИЕТО НА ЗАЕВ ЗА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР МИ ИЗГЛЕДА ЛОГИЧНО, АМА ВО ПРЕАМБУЛАТА ТРЕБА ДА ВЛЕЗАТ И КРЕСНЕНСКОТО ВОСТАНИЕ И ТМОРО, ВЕЛИ ИЛИЈА ДИМОВСКИ

    ОБРАЗЛОЖЕНИЕТО НА ЗАЕВ ЗА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР МИ ИЗГЛЕДА ЛОГИЧНО, АМА ВО ПРЕАМБУЛАТА ТРЕБА ДА ВЛЕЗАТ И КРЕСНЕНСКОТО ВОСТАНИЕ И ТМОРО, ВЕЛИ ИЛИЈА ДИМОВСКИПремиерот Заев за предлозите на пратеникот Димовски рече дека нема ништо лошо и коментар ќе даде по консултацијата со експерти. - Илија Димовски во Собранието (Фото: Ѓ. Личовски)

    Собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласови „за“ и пет „против“, го утврди текстот на првиот амандман со кој во Уставот се додава придавката Северна секаде каде што се спомнува Република Македонија. Расправата продолжи за вториот амандман, со кој во Преамбулата на Уставот се заменува одлуките на АСНОМ со прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски предложи во амандманот со кој се менува Преамбулата на Уставот, да се додадат и правилата на македонскиот востанички комитет на Македонското кресненско востание од 1878, и уставите на ТМОРО од 1896 и уставот од 1991 година, со кој ќе се задоволи потребата македонскиот народ да има корен.

    „Инспирација на моите предлози е додавањето на Рамковниот договор. Јас имам дилема дали да стои, но образложението на премиерот ми изгледа логично, дека тој е во Уставот, само го нема името наведено. Но, има и три прави документи за кои сметам дека треба да бидат дел од Преамбулата. Првиот е правилата на македонскиот востанички комитет од Македонското кресненско востание од 1878 година. Во него се утврдува концептот на идната македонска држава. Во него разработени се меѓунационалните односи, односите со соседните народи и разработени се и социјални прашања“, рече Димовски на расправата за уставните амандмани во собраниската Комисија за уставни прашања.

    Како втор предлог, Димовски го наведе уставот на Тајната македонска одринска револуционерна организација од 1896 година. Овој документ и покрај тоа што има конститутивен карактер на една организација, тој е и документ со кој се формира прва една организација на Македонците. Димовски кажа дека во преамбулата заслужува да се стави и уставот од 1991 година.

    Премиерот Зоран Заев за предлозите на пратеникот Димовски рече дека нема ништо лошо во предлозите и коментар ќе даде по консултацијата со експерти. Заев и се надева дека ако се прифатливи предлозите, тога ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе ги поддржат амандманите.

    Димовски во репликата до Заев рече дека владата треба да се труди да обезбеди поширока поддршка од јавноста за амандманите.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари