ОБВИНЕТИ ВО СЛУЧАИТЕ НА СЈО ЌЕ ДОБИЈАТ ПОМАЛИ КАЗНИ АКО ПОМИНАТ ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ВО СОБРАНИЕТО

    ОБВИНЕТИ ВО СЛУЧАИТЕ НА СЈО ЌЕ ДОБИЈАТ ПОМАЛИ КАЗНИ АКО ПОМИНАТ ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ВО СОБРАНИЕТОСо измените, Апелациониот суд добива можност да ја намали казната на синот на пратеничката Владанка Авировиќ, која гласаше за измени на Уставот. (Фото: СДК.МК)

    По вчерашнотo изгласувањето на потребата од донесување на измените на Kривичниот законик во Собранието по скратена пoстапка, за денес во 10 часот и 30 минути  е закажана седница на собраниската законодавно-правната Комисија на која на дневен ред се измените на Кривичниот законик (КЗ).

    Предлагачи на измените се пратениците Артан Груби од ДУИ, Снежана Калеска Ванчева од СДСМ, Соња Мираковска одНСДП,  Лидија Тасевска од СДСМ и Весел Мемеди од НДП.

    Со измените на Кривичниот законик се предлага измена на членот 275-в од КЗ, кој се однесува за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набвки или јавно – приватно партнерство. Се менува ставот 3 во кој се намалува затворската казна од 5 на 4 години.

    Ставот од законот кој важи сега гласи: „Ако сторителот со извршување на делото од ставот 1 на овој член остварил за себе или за друг имотна корист од поголеми размери, ќе се казни со затвор од најмалку 5 години“. Со измените се предлага казната од 5 да се намали на 4 години затвор.

    Измените во Кривичниот законик вчера  во Собранието беа неколку пати поднесувани па повлекувани од вчерашната собраниска расправа.

    Со првиот предлог измени на КЗ, се предвидуваше и измена на членот 353, за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до три години, за злоупотребата на службената положба и овластување.

    Со измените се предвидуваше кривично да се гони сторител кој прибавил имотна корист, а не како што е постојното законско решение „некаква корист при злоупотреба на службеното овластување или положба“. Во  усвоениот предлог за измени на Кривичниот законик, беше тргната измената на членот 353.

    ВМРО-ДПМНЕ е против предлогот за менување на Кривичниот законик.

    „Барањето за измени на Кривичниот законик е поднесено па повлечено три пати. Барам да ни објасните за кои измени треба да гласаме, затоа што пратениците не знаат веќе кој предлог е повлечен, а кој не е“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола  Мицевски, на вчерашната собраниска седница.

    Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски рече дека Зоран Заев со предложените измени тргува со правото и правната држава.

    „Mногу од предложените решенија се противуставни, незаконски… Спротивни се на функцијата и намената на законот и просто нелогични и апсурдно бесмислени. Вакво нешто не е запаметено во политиката“, рече Мицевски.

    Ако бидат изгласани измените на Кривичниот законик, некои пратеници за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека  од кривично гонење можат да бидат ослободени обвинетите во случаите  на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Тендери“ и „Трезор“, но можат да имаат влијание  и врз постапката на жалба на обвинетите во „Тенк“.

    Извори од Собранието велат дека измените би влијаеле и врз казната што ја доби Василије Авировиќ, кој е обвинет во случајот „Труст“ заедно со бизнисменот Сеад Кочан. Василие Авировиќ е син на пратеничката Владанка Авировиќ, која гласаше за измените на Уставот.

    Авировиќ беше осуден на три години казна затвор и забрана за вршење дејност и да биде управител или одговорно лице на правно лице во траење од 3 години.

    Авировиќ и Кочан, кој беше осуден на шест години затвор, поднесоа жалби до Апелациониот суд. Судот се уште нема донесено одлука по жалбите.

    Со измените, Апелациониот суд добива можност да ја намали казната на Авировиќ, а може да добие и условна казна.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира