ОБВРЗНИЦАТА ШТО ЈА ЗЕМАМЕ Е ЗА ДА ГО ПЛАТИМЕ ДОЛГОТ ЗА СТИРОПОРОТ, ПАЛМИТЕ И СПОМЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА НОЌЕСКА КОВАЧЕВСКИ ВО СОБРАНИЕТО

    ОБВРЗНИЦАТА ШТО ЈА ЗЕМАМЕ Е ЗА ДА ГО ПЛАТИМЕ ДОЛГОТ ЗА СТИРОПОРОТ, ПАЛМИТЕ И СПОМЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА НОЌЕСКА КОВАЧЕВСКИ ВО СОБРАНИЕТОКовачевски ги покани пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дојдат во зградата на Владата, да видат со свои очи како се распаѓа стиропорот платен со милионски суми во времето на нивниот сега почесен претседател Никола Груевски. (Фото: СДК.МК)

    Во реплика на пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, ноќеска околу полноќ на маратонската седница за разрешување на министерот за дијаспора Џемаил Чупи, се јави премиерот Димитар Ковачевски да му објасни дека еврообврзницата која сега се зема е за рефинансирање на еврообврзницата земена за палми, стиропор што се распаѓа и за други забегувања на владата на Никола Груевски со проектот „Скопје 2014“.

    Ги покани пратениците да дојдат во Владата и да видат како се распаѓа милионската фасада која е од лажен мермер, всушност од морска пена.

    „Вие доаѓате од Прилеп. Знаете кога била највисока откупната цена на тутунот? Сега. Знаете дека минималната плата во време на ВМРО-ДПМНЕ беше само 8.000 денари, а сега е 18.000 денари, а од март ќе биде над 20.000? Ја спомнавте просечната плата. Од 20-ина илјади денари во ваше време, знаете сега колку е? 36.000 денари е просечната плата“, споредуваше Ковачевски потоа и за зголемувањето на пензиите, за кое рече ќе имало уште едно во март, за производството на струја, за воведување за првпат на студентски оброк и за други периметри.

    Но, реплика од него имаше и за нападите дека оваа власт не ги забележува Македонците од дијаспората и за лошите односи со Бугарија. По критиките од пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски кажа:

    „Добрососедските односи ги руши единствено ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние основачи, палачи, растурачи на бугарски клубови по Северна Македонија се членови на ВМРО-ДПМНЕ и на вашата сестринска партија ВМРО-БНД на која заеднички именител ви е вашиот заеднички претседател Ванчо Михајлов. И во однос на НАТО, ако излезете овде да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ гласало Северна Македонија да биде членка на НАТО јас ќе ви се извинам“.

    По ова аплаудираа пратениците од власта, а од ВМРО-ДПМНЕ не се спротивставија на изјавата „нивниот претседател Ванчо Михајлов“.

    Ноќеска до 1 часот и 20 минути траеше 104-та седница на Собранието за реконструкција на Владата, која не заврши, туку продолжи денеска во 10 часот. Всушност не продолжи, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски веднаш побара и доби пауза од 1 час.

    Од почетокот на оваа седница пред една недела, во сите говори и меѓусебни реплики на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ провејуваше носталгија за Алијанса за Албанците која била „довчерашен пријател на ВМРО-ДПМНЕ“, лутина дека прешла кај СДСМ и ДУИ, предупредувања дека ќе ја фрлат како Алтернатива, покана да се врати кај опозицијата и сите заедно да ја пратат во пензија „криминалната ДУИ“, како што ја нарекуваат. Цело време се читаа цитати што кажал Арбен Таравари против ДУИ и против владата кога настапувал по емисии, на секоја телевизија.

    Ја нарекуваа Алтернатива дека „не е спас на Владата, туку е спас на Артан Груби“.

    Но, во секој говор на опозиционерите, имаше и директни обвинувања за криминал во ДУИ, за тоа дека Ковачевски го дозволува, за дуизација на судството и на обвинителството, за синот на спикерот Талат Џафери и за други актуелни теми.

    Нема многу за точката на дневен ред – разрешување на министри и избор на нови, затоа што ни во материјалите нема образложение – зошто се прави реконструкција и кои се забелешките против пратениците на Алтернатива, која сега се заменува со Алијанса за Албанците.

    Ноќеска заврши расправата по предложените разрешувања. Останува да се гласа за нив.

    Потоа во 12 часот продолжува седницата за пратенички прашања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира