ОД ДЕНЕС ФИРМИТЕ МОЖАТ ДА БАРААТ СУБВЕНЦИИ ЗА ПРИДОНЕСИТЕ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИ ДО 6.000 ДЕНАРИ

    ОД ДЕНЕС ФИРМИТЕ МОЖАТ ДА БАРААТ СУБВЕНЦИИ ЗА ПРИДОНЕСИТЕ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИ ДО 6.000 ДЕНАРИЗаконот за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, важи за сите вработени и за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари. (Фото: МТСП)

    Од денеска фирмите можат да достават барање за добивање субвенции на придонесите од социјално осигурување за зголемување на платите на вработените. Законот за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, важи за сите вработени и за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари. На оваа сума трошоците за придонеси за социјално осигурување ќе ги плаќа државата преку Министерството за труд и социјална политика.

    „За оваа мерка во буџетот за 2020 година се обезбедени 2,4 милијарди денари. Очекуваме од 20 до 25 проценти од работодавачите да ја зголемат платата на вработените. Со оваа мерка дирекно влијаеме на растот на економијата и стандардот кај граѓаните. Мерката е во траење од три години, но подготвени сме да дискутираме ако има потреба од продолжување на овој закон“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната прес-конференција.

    Барањето за субвенционирање на придонеси, работодавачите треба да го достават до Управата за јавни приходи преку месечната пресметка за интегрирана наплата, со внесување на ознака за лицето за кое бараат субвенционирање на придонесите.

    „УЈП потоа ќе провери дали се исполнети условите. Лицата за кои се одобрува субвенционирањето, нивните работодавачи ќе добијат порака дека се исполнети условите, а доколку не се исполнети објаснување што треба да направат. Пресметката на износот за субвенционирање на придонесите се спроведува преку автоматизирана процедура со што се овозможува на работодавачите на наједноставен начин, само со внесување на шифра и без дополнителни пресметки да го остварат ова законско право“, рече директорката на УЈП Сања Лукаревска.

    Субвенционирањето почнува да се применува со месец октомври. Оние работодавачи кои исплатите зголемена плата за месец октомври, ќе можат да поднесат исправка до УЈП, по што субвенцијата за придонесите ќе им биде вратена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира