ОД ДЕНЕС КАФУЛИЊАТА И РЕСТОРАНИТЕ ЌЕ ЗАТВОРААТ ВО 18 ЧАСОТ, ВЛАСТА МОЛИ ДА НЕМА ДОМАШНИ СОБИРИ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ

    ОД ДЕНЕС КАФУЛИЊАТА И РЕСТОРАНИТЕ ЌЕ ЗАТВОРААТ ВО 18 ЧАСОТ, ВЛАСТА МОЛИ ДА НЕМА ДОМАШНИ СОБИРИ ЗА ПРАЗНИЦИТЕМерката против ковид-19 која стартува од денес е наречена „Празнувај одговорно“. (Фото: К. Попов)

    Од денес кафулињата и рестораните ќе работат до 18 часот.  Стапува на сила новиот пакет рестриктивни мерки кои ги усвои Владата на предлог на Комисијата за заразни болести.

    • Новиот пакет мерки кој ќе важи до 21 јануари, има за цел да избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во престојниот период на празници.
    • На сила останува забраната за собири на јавни места и Владата апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка.
    • Забрането е групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид на собири во периодот на празниците, а хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот.
    • Забрана за собири на отворено и ограничен број посетители во затворен простор со задолжително носење на маски ќе важи и за празнување на верските празници кои следат.

    „Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за празниците. Да празнуваме одговорно заради сите нас. Да не се излегува од дома без некоја голема потреба после 18 часот, за да се избегнат ризиците од формирањето на групи на граѓани“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека полицијата ќе врши засилени контроли од наредната недела, но и во текот на новогодишната ноќ. Тој појасни дека не е кривично дело ако се изнајми викендица на едно семејство, но е кривично дело против здравјето и животот на граѓаните ако се изнајмува на групи на луѓе.

    „Во овие моменти имаме сериозно ширење на вирусот и жртви од вирусот. Еден од заклучоците беше и во однос на издавање викендици на луѓе кои се организираат во групи. Нема никаква забрана за издавање викендици на семејства и едно семејство да може да биде во некоја викенд куќа каде било на територијата на нашата земја, меѓутоа секако дека е кривично дело издавање викендица на групи на луѓе. Не е идејата да донесеме одлука дека рестораните, хотелите итн. не можат да работат после 18 часот, се со цел да помогнеме во спречувањето на ширење на коронавирусот, а од друга страна да отвораме нови такви објекти, да ги имаме и во околината на Скопје, претежно во Сопиште, Маврово, Охрид, Струга или во кое било туристичко место. Зошто би била забраната за рестораните и хотелите ако тоа некои може да го прават во викендиците? Ние сериозно работиме, имаме оперативна акција во однос на издавањето на викендици и веќе постапуваат колегите. Превентивно реагираме уште сега до издавачите на викендици да знаат што ги очекува. Изготвени се сите планови за контроли, тоа веќе ќе го правиме од наредната недела и во текот на новогодишна ноќ“, кажа Спасовски.

    Сепак, Спасовски не кажа како ќе се контролира групно славење по викендици, кога за претрес во домови треба судски налог.

    Претседателот на Комисијата за заразни болести, епидемиологот д-р Жарко Караџовски вели не е важно во кој дел од државата ќе се слават новогодишните и верските празници, сѐ додека се почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Епидемиологот неодамна кажа дека не е добро да се групира поголема маса на луѓе во хотели, ресторани каде народот се опушта.

    „Отсекогаш било така, дали е оро, танц, по неколку пијачки, концентрацијата ќе опадне и после хотел или ресторан, забавата продолжува дома. Ние сме свесни дека и за време на прославувањето на славите може да се соберат, па да се направи и мини свадба со позитивна енергија, но може да излезе кластер од таа прослава. Да не дозволиме да ја расипеме оваа состојба, која е стабилизирана, но сѐ со широко распространета инфекција. Р-0 факторот на преносливот на вирусот по подолго време е под 1, да не го кренеме“, апелираше д-р Караџовски.

    Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата се 76.251, оздравеа 52.413, починаа 2.225, а активни случаи се 21.613.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира