ОД УТРЕ ПАК ЌЕ СЕ ПОВИКУВААТ РОДИТЕЛИТЕ ДА ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА, ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ТЕРЕНСКА ВАКЦИНАЦИЈА ВО ШКОЛИТЕ

    ОД УТРЕ ПАК ЌЕ СЕ ПОВИКУВААТ РОДИТЕЛИТЕ ДА ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА, ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ТЕРЕНСКА ВАКЦИНАЦИЈА ВО ШКОЛИТЕОд утре службите за имунизација ќе ги повикуваат родителите на сите деца со навршени 6 месеци од Скопје и со навршени 12 месеци во останатите населени места да ги вакцинираат со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит), а од следната недела ќе има и теренска вакцинација во училиштата (фото: СДК:МК)

    Од вакциналните пунктови повторно ќе ги повикуваат родителите чии деца не ја примиле вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) почнувајќи од 6-месечна возраст, а во останатите делови на земјата според редовниот календар за имунизација, односно со навршени 12 месеци. Службите за имунизација уште еднаш ќе направат контроли колку од децата што одат во основно училиште не се вакцинирани или се вакцинирани само со една доза и ќе ги повикаат родителите да ги однесат на вакцинација.

    Ова се дел од мерките кои ги донесе Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, откако во рок од три дена починаа три деца, од кои едно 6-месечно на Клиниката за инфективни болести, а две 13-месечни на Клиниката за детски болести. Комисијата му предложила на Министерството за здравство да се почне и со теренска вакцинација на децата од училишна возраст во училиштата, за да се зголеми бројот на вакцинирани деца, а со тоа да се намали и бројот на заразени.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека овој предлог од Комисијата  е прифатен да почне да се спроведува од следната недела, а на Клиниката за детски болести веќе нема да се примаат во болничкиот дел деца со мали сипаници.

    „Деца ќе се прегледуваат во амбулантскиот дел, но нема да се примаат на оддел. Потешките случаи досега ги примаа на Детска клиника, бидејќи таму има услови да им се даде кислородна поддршка и има искусен персонал кој може да се справи со вакви случаи. На одделот каде се лекуваа деца со мали сипаници беа одвоени од другите деца со други заболувања. Сепак, комисијата денес донесе таква одлука за да се сведат на минимум сите ризици“, вели Филипче.

    Тој рече дека за да се намали притисокот за прегледи на Клиниката за инфективни болести и во Клиниката за детски болести, родителите ако се посомневаат дека нивните деца имаат мали сипаници прво да ги однесат кај матичниот лекар или во педијатриските дежурни пунктови во поликлиниките Јане Сандански, Бит Пазар и Ѓорче Петров, кои во ноќните часови работат од 19.30 часот до 7.30 часот, а за време на викендите и 24 часа. По проценка на лекар, децата ќе се препраќаат кон Клиниката за инфективни болести.

    Од Министерството за здравство велат дека на вонредната седница Комисијата за заразни болести констатирала оти вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

    „Комисијата укажа дека само со колективен имунитет, или 95 отсто вакцинирано население со МРП вакцината, ќе може да ја спречиме епидемијата и смртноста кај населението, кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања“, велат од Министерството за здравство.

    Сите претходни противепидемиски мерки, кои ги донесе Комисијата за заразни болести сѐ уште се на сила, односно децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината нема да се примаат во градинките.

    „Се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет. Да се вакцинираат сите здравствени работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили. Најстрого се забранува и посета на болни во сите здравствени установи. Морбилите се високо заразно заболување кое лесно се пренесува по капков пат. Едно лице со м0али сипаници може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира