Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата за работа на фирмата „Беса транс“, во чиј автобус вчера во несреќата во Бугарија загинаа 45 патници. Од Министерството велат дека автобусот со кој македонски државјани беа на екскурзија во Истанбул немал лиценца за вршење на меѓународен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници. Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски.
„Согласно член 12 од Законот за превоз во патниот сообраќај, а поради недостатоците што се утврдени од страна на Министерството за транспорт и врски, а воедно и со цел да се превенира какво било друго дејство од страна на фирмата кое би можело да предизвика негативни последици, на „Беса транс“ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност. Фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници до Министерството за транспорт и врски. Дополнително, Владата на последната седница го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор на превозникот“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во близина на Перник загинаа 45 лица од кои 12 деца, а седум патници се повредени, но се надвор од животна опасност. Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.
Кои се причините за несреќата треба да покаже истрагата која ќе ја спроведува бугарското обвинителство и нема да има паралелна истрага во Македонија.