ОПОЗИЦИЈАТА ПОВЕЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА ИДНИНАТА НА ВЛАДАТА ОТКОЛКУ ЗА ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА, КАЖА ШЕКЕРИНСКА

    ОПОЗИЦИЈАТА ПОВЕЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА ИДНИНАТА НА ВЛАДАТА ОТКОЛКУ ЗА ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА, КАЖА ШЕКЕРИНСКАПретседателот Стево Пендаровски и министерката Радмила Шекеринска на прославата на Денот на Здружената оперативна команда (ЗОК), во касарната „Боро Менков“ во Куманово. (Фото: СДК.МК)

    „Единствените кои повеќе се грижат за иднината на Владата отколку за иднината на државата, се оние коишто не донесоа во ситуација после 14 години од кандидатскиот статус ние да сме држава која што ги нема почнато преговорите за влез во ЕУ. Мислам дека тоа е неодговорно и не државничко однесување“, изјави потпретседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на прославата на Денот на Здружената оперативна команда (ЗОК), во касарната „Боро Менков“ во Куманово.

    Таа додаде дека владејачката политичка опција ја донесе Македонија до членство во НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ, не поради тоа што сака да предвидува, туку затоа што ги гледа фактите, бидејќи за само 2 години успеале од држава, којашто немаше никаква ни европска ни НАТО перспектива да станеме држава којашто е пред членството во НАТО и за која првпат после 2005 година дискутираат премиери и претседатели на европските земји.

    „Единствената причина и бариера која стои помеѓу нас и почетокот на преговори со ЕУ не се нашите задачи, тоа дури и најскептичната земја Франција го кажа, од наша страна нашите обврски се завршени, единственото што стои помеѓу нас е реформата што Франција ја заговара, ја предвидува и ја бара и во поглед на внатрешните состојби во унијата, но и во самиот процес на проширување. Стратешка и историски казнива грешка е што нашата држава ги изгуби подобрите години за проширување на Европската унија, во период кога влезе Хрватска, кога Црна Гора и Србија ги почнаа преговорите за членство. Ние не можеме назад да го вратиме времето, но можа да спречиме повторување на грешките. Покажавме дека државата не ги повторува грешките, сега на потег се европските лидери“, рече министерката Шекеринска.

    На прашањето дали ќе падне Владата ако нема датум за преговори, и дали ќе се разнишаат односите помеѓу коалиционите партнери, Шекеринска изјави дека на сите во коалицијата стратешка определба им се членство во НАТО и ЕУ.

    „Покажавме дека и на двата плана имаме резултати и не гледам никава причина да се создадат дилеми во владината коалиција, поради тоа што пораката којашто е упатена од министрите за надворешни работи, сега видовме и од претседателите и премиерите, дека ние го завршивме нашиот дел од задачите и тоа е драматично различно од ситуациите пред неколку години. Меѓутоа, ни една задача не е завршена додека не се заврши со резултат и затоа работиме на тоа државата да ги почне преговорите“, рече Шекеринска.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари