ОПШТИНА ГОСТИВАР ИТНО ДА ГО РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ НА ШКОЛОТО ШТО ЈА ДИСКРИМИНИРА МАЛАТА ЕМБЛА СО ДАУНОВ СИНДРОМ, БАРА ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ

    ОПШТИНА ГОСТИВАР ИТНО ДА ГО РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ НА ШКОЛОТО ШТО ЈА ДИСКРИМИНИРА МАЛАТА ЕМБЛА СО ДАУНОВ СИНДРОМ, БАРА ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТТВ Клан синоќа откри дека во основното училиште „Башкими“ во Гостивар 11-годишната Ембла е изолирана да учи сама со асистентката во одвоена слабо загреана просторија, поради неприфаќањето од родители на други деца. (Фото: Принтскрин од видео на ТВ Клан)

    Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија, реагира Хелсиншкиот комитет за човекови права, откако ТВ Клан синоќа откри дека во основно училиште во Гостивар 11-годишната Ембла е изолирана да учи сама со асистентката во одвоена слабо загреана просторија, поради неприфаќањето од родители на други деца. Хелсиншкиот комитет бара Општината Гостивар итно да го разреши директорот на школото „Башкими“ кој дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски третман кон малата Ембла.

    „Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска. Хелсиншкиот комитет бара Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, повратно да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај“, велат од Хелсиншки комитет.

    Истануваат дека санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост.

    „Токму затоа, сите споменати чинители мора да се вклучат во изнаоѓање решенија кои ќе спречат повторување на вакви случаи, преку континуирани советувања и обуки наменети за родители, наставници и ученици, бидејќи лекциите како ‘Тимјаник’ очигледно се повторуваат без да се научат. Бидејќи проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините“ велат од Хелсиншки комитет.

    Министерот за образование Јетон Шакири на Фејсбук објави дека Ембла од денеска повторно ќе продолжи да учи во класот и дека нема да биде изолирана.

    „Ембла Адеми од Гостивар не ја почувствува радоста да се врати во училиште на првиот ден од второто полугодие зашто, за жал, во нашето општество има уште стереотипи и предрасуди за луѓето со посебни потреби. Но, на мое лично задоволство и на задоволство на нејзиното семејство денеска таа е повторно меѓу соучениците и екстремно среќна да продолжи да учи, да напредува и да создава пријателства со нејзините соученици. Среќата во очите на Ембла е наша споделена среќа. Победа на општеството и вистинските човечки вредности. Посакувам такви случаи никогаш да не се случат пак. Затоа мора да продолжиме да придонесуваме за свесноста за децата со попречености. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат подеднаков пристап до квалитетно образование како и секој друг. Тоа е фундаментално право“, објави Шакири.

    Народниот правобранител соопшти дека формира предмет по сопствена иницијатива и испрати тим во училиштето за да го испита случајот.

    „Народниот правобранител ги охрабрува родителите за вакви случаи да не молчат, туку да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите“, вели Омбудсманот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира