Од денеска по прекин од три ипол месеци повторно отворени се аеродромите во Скопје и Охрид. На Меѓународниот аеродром Скопје за денеска најавени се 28 летови, со вкупно 1.700 патници. Од компанијата ТАВ Македонија информираа дека аеродромот во Скопје беше отворен со летот на компанијата „Визер“ за Стокхолм во 6. 26 часот утрово, а потоа полетале авионите за Келн и за Бремен, исто така на унгарската авиокомпанија.
„Утрово прво слетување направи авионот на ‘Туркиш ерлајнс‘, кој од Истанбул во Скопје донесе 104 патници. Го пречекавме со авијацискиот поздрав за добредојде, со воден мост во форма на виножито. Веднаш по него слета и авионот на ‘Пегасус ерлајнс‘, исто така од Истанбул, кој во Скопје донесе 125 патници“, соопштија од ТАВ Македонија.
Пред отворањето на аеродромите во земјава беа донесени протоколи за нивната работа. Според протоколите најмалку 3 часа пред летот патниците треба да стигнат на аеродромите во Скопје и Охрид, задолжително да носат маска и да држат растојание. На сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродрома ќе им се мери телесната температура, преку термалните камери кои се поставени во аеродромите.
Во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат. Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани.
Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија апелираат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување.
Поради пандемијата на КОВИД-19, Меѓународниот аеродром Скопје беше затворен за патнички летови на 19 март, додека аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид на 16 март
А. АНТЕВСКА