ОВА ЛЕТО ЌЕ ИМА ДЕФИНИТИВНА ОДЛУКА ЗА ДАТУМ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ, КАЖА ЈУНКЕР ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВ ВО БРИСЕЛ

    ОВА ЛЕТО ЌЕ ИМА ДЕФИНИТИВНА ОДЛУКА ЗА ДАТУМ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ, КАЖА ЈУНКЕР ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВ ВО БРИСЕЛ„Земјите кандидатки, како што е Северна Македонија не може да бидат жртви од начинот на кој некои земји членки го почитуваат или не го почитуваат владеењето на правото“, рече претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер одговарајќи на новинарско прашање. (Фото: Влада на РСМ)

    Европската комисија има намера ова лето да се донесе дефинитивна одлука за датум за отпочнување на преговори, рече претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

    Владина делегација предводена од премиерот Заев е во дводневна посета во Брисел.

    „Комисијата го даде својот предлог, сега е на ред Советот на министри да донесе решение. Романското претседателство го стави ова прашање на агендата на Советот за општи работи во јуни за прва дебата. Намерите на Комисијата се ова лето да има дефинитивна одлука“, рече Јункер.

    Тој одби да одговори на новинарското прашање дали датумот за преговори за Македонија е врзан со оној за Албанија. Само кусо одговори:

    „Овде сум со Зоран, а не со премиерот на Албанија“.

    Тој претходно кажа дека лани кажале дека нема да примат ниту една земја, која ги нема решено билатералните прашања, и ја пофали земјата за историските чекори и храброста да се донесе договорот од Преспа, а дека договорот за пријателство со Бугарија е уште еден доказ за политички компромис. Според него препораката на Европската комисија за отпочнување на преговорите е резултат на објективна проценка.

    „Северна Македонија е пример за сите нас и ја продолжи импресивната реформа, донесе реформи во јавната администрација, разузнавањето и борбата против организираниот криминал и корупција. Овие напори се пред сѐ за граѓаните на еднаквост и достоинство, владеење на правото. Северна Македонија ги исполни задачите, и сега е на ЕУ да испорача. Знам дека некои земји членки се загрижени, но ќе помогнам да ги убедам да го следат ова историско движење што Северна Македонија го направи“, рече Јункер.

    Одговарајќи на новинарско прашање тој кажа дека изборите во Грција нема да влијаат на процесот, бидејќи билатералните договори се договори меѓу државите, а не меѓу владите.

    „Земјите кандидатки, како што е Северна Македонија не може да бидат жртви од начинот на кој некои земји членки го почитуваат или не го почитуваат владеењето на правото“, рече Јункер одговарајќи на новинарско прашање.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека земјата досега ја доби најчистата препорака од Европската комисија и дека Европскиот совет пред една година заклучил дека почеток на преговори може да се очекува во јуни годинава. Тој кажа дека земјата добила прецизни задачи кои ги исполнила и дека тоа било мотив да продолжат со реформите.

    „Денес на средбата со претседателот Јункер и комесарот Хан дознавме дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Северна Македонија и нејзиниот успех на листата на 20 најголеми достигнувања на ЕУ во овој период, тоа е за нас огромно признание и уште поголем поттик. Ни беше речено ’испорачајте и ние ќе испорачаме‘. Оттогаш ги завршивме реформите во целост, темелно ги имплементиравме договорот од Преспа и договорот со Бугарија и сме пример за пријателство и соработка во регионот. Секој ден покажуваме политичка зрелост и европски манири. Времето поминато во чекалната не беше залудно. Го искористивме да се подготвиме за преговорите за пристапување“, рече Заев.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира