ОВА НЕМА ВРСКА СО ЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ, САМО СЕ ИЗЖИВУВААТ ВРЗ НАС, КАЖА МИЦКОСКИ ОТКАКО ЕУ ОДЛУЧИ АЛБАНИЈА САМА ДА ПРОДОЛЖИ СО ПРЕГОВОРИТЕ

    ОВА НЕМА ВРСКА СО ЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ, САМО СЕ ИЗЖИВУВААТ ВРЗ НАС, КАЖА МИЦКОСКИ ОТКАКО ЕУ ОДЛУЧИ АЛБАНИЈА САМА ДА ПРОДОЛЖИ СО ПРЕГОВОРИТЕМицкоски рече дека во Договорот за добрососедство со Бугарија никаде не стои дека услов мора да биде Македонија да го промени Уставот.(Фото: К. Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека одлуката на Европската комисија да се одвои Албанија од Македонија во преговорите за членство е лоша порака кон македонските граѓани, бидејќи државата сторила многу работи, повеќе од која било кандидатка или актуелна членка, а кои најчесто немаат никаква врска со Копенхашките критериуми.

    За Македонија, услов за одржување на Втора меѓувладина конференција со ЕУ останува спроведувањето на уставни измени, со кои Бугарите треба да се внесат во македонскиот Устав. Албанија и Македонија беа во ист пакет на интеграцискиот пат кон ЕУ, но последната одлука за Албанија практично ќе значи раздвојување на двете земји.

    „Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егизбиционистички прифаќаше сè, мавташе со европско знаме додека го ограбруваше сопствениот народ. За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го кажав и во Брисел – не благодарам, тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби. Затоа ја споделив идејата, ајде да разогвараме, немојте со диктат, не не условувајте со диктат, јас сакам да разговараме колку е потребно да најдеме решение, очигледно сега немаме решение“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашањање при посетата на Фондот за здравство (ФЗОМ).

    Мицкоски рече дека во Договорот за добрососедство со Бугарија никаде не стои дека услов мора да биде Македонија да го промени Уставот. 

    „Таму никаде не го пишува тоа, дури пишува и дека Бугарија треба да нè поддржува и да ни помага. Кога ние зборуваме за одложено дејство, зборуваме за тоа дека по успешно завршување на разговорите и ратификација на претпристапниот протокол подготвени сме да прифатиме промена на Уставот и за многумина во Брисел беше што е сега ова, а тоа не е ништо поразлично од Преспанскиот договор“, изјави Мицкоски.

    За лидерот на СДСМ Венко Филипче, раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е „тежок пораз на политиките на Владата на планот за европската интеграција на државата. Ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните, ова е пропуштена шанса што ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација“.

    „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Со лаги и манипулации ја сокрија вистината дека немаат ниту план, ниту намера Македонија да напредува и да се развива во Европската Унија. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. За прв пат во 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како напред. Ова е Влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. За само 100 дена новата Влада ја закопа последната надеж дека и кај нас ќе се живее добро. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија, без чувство за одговорност, лидерство и грижа за граѓаните“, објави Филипче на својата официјална фејсбук страница.

    На 15-ти октомври се очекува да се одржи Втора меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, по што ќе се отворат поглавјата од кластерот 1 „Темелни вредности“. Таква одлука едногласно донеле постојаните претставници на ЕУ на вчерашната средба во Брисел, објавија регионални и медиуми во Албанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира