ПАЛЕЊЕТО ДЕПОНИИ Е КРИВИЧНО ДЕЛО И МОРА ДА ИМА ОДГОВОРНОСТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ

    ПАЛЕЊЕТО ДЕПОНИИ Е КРИВИЧНО ДЕЛО И МОРА ДА ИМА ОДГОВОРНОСТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИНуредини на денешната прес-конференција најавувајќи ги проектите во 4-годишниот мандат најави засилување на инспекциите, зголемување на казните за загадување на животната средина и донесување нови закони кои ќе овозможат имплементирање на политики за здрава животна средина. (Фото: Влада на РСМ)

    Палење депонии е кривично дело, ги повикувам општините да ги спречат ваквите појави, полицијата и Обвинителството да поведат постапки, рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини за случаите со палење на депониите кај салата „Борис Трајковски“, во Вардариште и во Визбегово во Скопје.

    Неделава четири дена гореше депонијата кај салата „Борис Трајковски“ и цел Карпош смрдеше на ѓубре. За денеска, протест поради палење на депонијата Вардариште и трупање ново ѓубре од што се шири непријатна миризба најавија жителите на скопската населба Маџари. Министерот Нуредини рече дека за ваквите проблеми општините се тие кои што треба да реагираат и да спречат палење на депоните и неконтролирано фрлање ѓубре. За решавање на децинскиот проблем со депонијата Вардариште и онаа во Визбегово рече дека се бара решение.

    „Кривично дело е да се запали ѓубре, а за палење депонија вината е уште поголема. Затоа, треба институциите да постапуваат, Обвинителството да поведе постапки, а Општините да спречат создавање нови депонии и нивно палење. Знам дека Град Скопје нема толку средства за решавање на депониите во Вардариште и Визбегово, за нив е потребно многу пари. Но, и буџетот на Министерството не е многу голем. Ќе работиме и бараме начин како да го решиме проблемот со големите депонии во Скопје“, рече Нуредини.

    Нуредини на денешната прес-конференција најавувајќи ги проектите во 4-годишниот мандат најави засилување на инспекциите, зголемување на казните за загадување на животната средина и донесување нови закони кои ќе овозможат имплементирање на политики за здрава животна средина.

    „Од аспект на аерозагадувањето, ќе го зголемиме бројот на мерни станици. За подобар пристап на граѓаните до овие податоци, ќе изработиме нов лесен и транспарентен софтер за употреба. Започнавме активности за координација со другите надлежни институции за подобра контрола на цврстите горива за греење, односно воведување стандард за пелети. Ги повикувам инспекциските служби од сите области, и во рамките на Владата ќе барам засилување на капацитетите, за соодветна контрола на теренот и казнување на секаков вид на загадување. Ќе се заложам за подобра координација и кооперација на овие служби. Заедно со Владата, ќе се обезбедат средства за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и замена на нееколошките начини на греење до 2024. Можам да споделам дека веќе имаме изработено иницијално мапирање на државните установи кои се греат на мазут и се работи на програмирање на средствата“, рече Нуредини.

    Најави дека ќе притиска во Владата при креирање на буџетот за 2021 година, повеќе пари да добие Министерството за реализиција на повеќе проекти за здрава и чиста животна средина.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира