ПАРЛАМЕНТОТ НЕМА ДА РАБОТИ НЕДЕЛА ДЕНА ЗА ДА СЕ СМИРАТ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВЛАДЕЈАЧКАТА КОАЛИЦИЈА

    ПАРЛАМЕНТОТ НЕМА ДА РАБОТИ НЕДЕЛА ДЕНА ЗА ДА СЕ СМИРАТ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВЛАДЕЈАЧКАТА КОАЛИЦИЈАДо крајот на неделата, на веб сајтот е најавено само одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички, со дебата за зголемување на политичкото учество на жените. - Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев со пратениците на ДУИ на завчерашната седница (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пратениците на ДУИ им се налутиле на колегите од СДСМ поради тоа што не ги поддржале во одлуката да се донесе Законот за употреба на јазиците без разгледување на поднесените амандмани на ВМРО-ДПМНЕ.

    На маратонската вчерашна координација на владејачката коалиција и разговорите на лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, за изнаоѓање на договор СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ за излез од собраниската криза, Ахмети не успеал да го убеди Заев да се донесе Законот.

    Поради тоа, како што за САКАМДАКАЖАМ.МК, велат дел од пратениците на СДСМ, колегите од ДУИ не им правеле муабет и им се налутиле што не дозволиле да се затвори расправата за Законот за употреба на јазиците.

    За да се најде некој компромис и да се смират страстите во владејачката коалиција, како што изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од мнозинството, парламентот нема да работи една недела.

    Две пленарни седници, како што стои на собранискиот веб сајт, се закажани за 12 март.

    Едната седница е закажана по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка, а на другата пратениците ќе расправаат за околу 46 измени на закони.

    Меѓу нив се измените на Законите за основно и за средно образование, измените на Предлог законот за изменување на законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, измените на Законот за социјална заштита.

    На дневен ред се и измените на Законот за јавно обвинителство и на Законот за кривична постапка, во второ читање.

    До крајот на неделата, на веб сајтот е најавено само одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички, со дебата за зголемување на политичкото учество на жените.

    На партиски договор за надминување на кризата, чекаат на усвојување и измените на Законот за заштита на сведоците, кој е клучен закон за подобрување на ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), измените на Законот за судови, (второ читање) на Законот за заштита од пушењето, а поради Законот за употреба на јазиците, се одолговлекува и гласањето за измените со кои се намалуваат надоместоците и патните трошоци за функционерите, како и за пратениците. На гласање чекаат и измените на Законот за минерални суровини, со кој треба да се реши судбината на рудниците.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари