ПАЦИЕНТИТЕ ГИ ВКЛУЧУВАМЕ ВО ПОСТАПКИТЕ ЗА НАБАВКА НА ЛЕКОВИ ЗА ДА БИДАТ ТРАНСПАРЕНТНИ И ДА НЕМА КОРУПЦИЈА И НЕПОТИЗАМ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ПАЦИЕНТИТЕ ГИ ВКЛУЧУВАМЕ ВО ПОСТАПКИТЕ ЗА НАБАВКА НА ЛЕКОВИ ЗА ДА БИДАТ ТРАНСПАРЕНТНИ И ДА НЕМА КОРУПЦИЈА И НЕПОТИЗАМ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕМинистерот за здравство Венко Филипче најави дека во соработка со експерти од невладиниот сектор ќе направат анализа на ризиците од корупција на јавните набавки во здравството. (Фото: Влада)

    Здруженијата на пациенти и граѓанските организации ќе можат да учествуваат во сите стручни комисии од подготовка на тендерската документација за набавка на лекови до моментот на склучување на договори, кажа министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција во Владата, на која министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски ги повика сите граѓански организации да се вклучат во процесот на јавни набавки и да имаат увид во тоа како се трошат јавните пари.

    „Министерството за здравство ги отворивме вратите за сите граѓански организации да учествуваат во сите стручни комисии, кои дури и ги подготвуваат количините на лекови за одредена тендерска постапка. Конкретно здруженијата на ретки болести се членови на таа комисија и имаат активно учество во работата на таа комисија, на која што практично се зборува за нивните потреби. Сметаме дека не треба да има наметнато решение, треба сите да се согласни дека тоа е решението кое што најмногу им е потребно. За таа цел во сите досегашни постапки на подготовка на тендерската документација во однос на количините и типот на лековите, конкретно за ретките болести беа присутни сите здруженија во кои членуваат токму пациенти или родители на пациенти со ретки болести. Не само самата постапка туку и подготовката на постапката за јавни набавки е транспарентна и отворени сме тие луѓе кои се директно засегнати од тоа да имаат увид во постапката“, рече Филипче.

    Тој кажа дека веќе се донесени измените на Законот за лекови во делот на паралелен увоз, бидејќи поради претходните законски решенија имало огромен сомнеж какви лекови се увезуваат во Македонија, а тие биле и пречка да се направи добар план за потребните количини на лекови.

    „Со промената на законот дополнително освен обезбедувањето на квалитетни лекови ќе имаме и соодветно планирање на количините на лекови со соодветни резерви. Тоа планираме да го имплементираме во самата тендерска постапка за која што исто така здруженијата на пациенти, конкретно пациенти со дијабетес се вклучени во разработување и на количините и на резервите, но и на нови методи за мерење на шеќерот во крв или на нови типови на инсулин за лекување на дијабетот, кој што може индустријата да ни ги даде во склоп на буџетите со кои ние располагаме“, вели Филипче.

    Со целосна транспарентност на постапките за јавни набавки и според Филипче и ќе се интензивира и борбата против корупцијата. Филипче најави дека во соработка со експерти од невладиниот сектор ќе направат анализа од ризиците од корупција на јавните набавки во Министерството за здравство.

    „Со увид во ризик факторите при процесот на јавните набавки ќе се намали ризикот од судир на интереси. Целата е навреме да се согледаат ризиците и судирот на интереси, за да се спречи непотизам и блиски контакти со компании и пријатели. Се прават анализи во промената на самите тендерски постапки, се проценуваат потребите од самата количина на лекови, за да се намали потребата од интервентен увоз. Но, се прават и обиди за заштеда од неколку милиони евра, со кои ќе обезбедиме подобри услови за пациентите преку систем за централизирани набавки“, рече Филпче.

    Од здруженијата на пациенти со ретки болести и си дијабетес велат дека сега Министерството за здравство, за разлика од претходно, е многу поотворено за соработка, но дека досега не учествувале формално во комисиите за подготовка на тендерската документација за набавка на потребните лекови.

    „Министерството сега е поотворено за граѓанските организации и секогаш кога имаме некакви забелешки или барања не примаат и не сослушуваат. Нашето барање да се направи листа на дијагнози и да се види за кои ретки болести е можен третман овде, а за кои надвор го прифатија и прифаќаат сугестии. Но, формално не сме биле вклучени во комисијата која ја подготвувала тендерската документација. Во тек е тендер за набавка на лекови за ретки болести. Добивме ветување дека согласно новите законски одредби за паралелен увоз ќе се бара сертификат за квалитет од понудувачите и се надеваме дека ќе биде така“, вели Весна Алексовска, од здружението на пациенти со ретки болести „Живот со предизвици“, каде членуваат пациенти со над 80 дијагнози на ретки болести.

    Од Здружението за дијабетес „Баланс МК“ исто така велат дека не биле формално повикани да учествуваат во подготовка на тендерската постапка, но дека претходно биле примани и консултирани за нивните потреби.

    „Се надеваме дека новата набавка на инсулини ќе се спроведе онака како што е предвидено со новите законски одредби, како и дека при набавка на апаратите за мерење на гликемиите ќе се бара сертификат за квалитет, за да бидеме сигурни дека ќе бидат со минимум отстапувања од реалните вредности на гликемиите. Исто така се надеваме дека ќе го исполнат ветувањето и дека ќе набават апарати за континуирано мерење на гликемиите кај децата“, вели Наташа Деспотовска Димитриевска, од здружението за дијабетес „БалансМК“.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира