ПАЦИЕНТИТЕ СО КОВИД-19 КОИ ПРИМААТ АНТИБИОТИК И АНИТИМАЛАРИК ИМААТ СТАБИЛНА КЛИНИЧКА СЛИКА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ПАЦИЕНТИТЕ СО КОВИД-19 КОИ ПРИМААТ АНТИБИОТИК И АНИТИМАЛАРИК ИМААТ СТАБИЛНА КЛИНИЧКА СЛИКА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМинистерот Филипче кажа дека тестовите не се никаков проблем нити закана во овој процес, и дека 4.000 тестови има на располагање во Институтот за јавно здравје, 5.000 се донација од приватна лабораторија, и се чека донација од дополнително и 3.000. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани 67 пациенти, шест се на механичка вентилација, а 12 се со потешка клиничка слика. Има влошување на состојбата на родилката од Куманово. Таа е респираторно независна, но со потешка клиничка слика на белите дробови, рече министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес-конференција во Владата.

    Филипче кажа дека терапијата со комбинирана употреба на антибиотик и антималарик, кај оние пациенти кај кои се дава, се покажува дека имаат континуирано стабилна клиничка слика.

    Тој рече и дека е изготвен протоколот со Институтот за трансфузиологија за лекување со крвна плазма од оздравените пациенти, но се чека официјално да помине процедурата во Агенцијата за лекови, како и дека многу внимателно ќе се пристапи со оваа терапија.

    Во изминатите 24 часа, регистрирани се 29 нови случаи позитивни на коронавирусот. По градови: Скопје – 15, Куманово -7, Прилеп – 1, Струга 3 и Кочани – 3. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во нашата земја изнесува 599 лица, од кои 30 се излечени, а 26 починати.

    Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје има 19 пациенти со короонавирус, тројца се на респираторна машина, а деветмина се со потешка клиничка слика. Во Битолската болница се донесени сите пациенти со КОВИД-19 кои беа сместени во Охридската болница, и таа отсега ќе биде регионална болница. Во Штип има четворица пациенти, еден е со средно-тешка клиничка слика, а тројца се со лесна клиничка слика.

    На Клиниката за дигестивна хирургија, еден од среднотехничкиот персонал пријавил дека има заболени во семејството, но со сѐ уште непотврден статус за коронавирус. Утре ќе се тестираат сите луѓе кои биле во контакт со него на работно место. Сите се во самоизолација и согласно резулатите ќе се постапи со неговите колеги.

    Министерот кажа дека тестовите не се никаков проблем нити закана во овој процес, и дека 4.000 тестови има на располагање во Институтот за јавно здравје, 5.000 се донација од приватна лабораторија, и се чека донација од дополнително и 3.000, како и уште друга голема количина од донација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира