ПЕНДАРОВСКИ НАЈАВИ КАНДИДАТУРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ЌЕ СОБИРА 10.000 ПОТПИСИ, А И СДСМ ЌЕ ГО ПОДДРЖИ

    ПЕНДАРОВСКИ НАЈАВИ КАНДИДАТУРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ЌЕ СОБИРА 10.000 ПОТПИСИ, А И СДСМ ЌЕ ГО ПОДДРЖИПендаровски смета дека претседателот треба да го избираат граѓаните на избори, а не пратениците во Собрание. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Актуелниот претседател Стево Пендаровски денеска најави дека ќе се кандидира за втор претседателски мандат на претстојните претседателски избори. Пендаровски најави граѓанска кандидатура и од 3 март ќе собира 10.000 потписи од граѓаните. Кажа дека СДСМ во недела исто така ќе објави дека ќе ја поддржи неговата кандидатура, а поддршка очекува и од останатите коалициони партии на СДСМ.

    Првата и главна причина поради која влегувам во трката за претседател е поради тоа што зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка, без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси поврзан со мене, моето семејство и моите најблиски соработници. Јас на овие избори излегувам како претседателски кандидат не само за да учествувам, туку за да победам“, кажа Пендаровски.

    Одговарајќи на новинарско прашања за коментар на барањето на ДУИ претседателот на државата да се бира во Собранието, рече дека тој бил против оваа идеја уште пред да стане претседател.

    Сега после 5 години на оваа функција сум уште повеќе убеден дека претседателот треба да го избираат граѓаните на избори. Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и економските центри на моќ, кога сте избрани на избори отколку во Парламент. Знаете дека во неколку наврати бев во директна колизија со тогашната владејачка партија, еден пример е случајот ‘Рекет‘.  Да бев избран во Парламент ќе бев сменет истото попладне, но бидејќи ве бира народот малку е потешко. На Македонија и е потребна ваква институција која мора да биде баланс, мора да постои морална вертикала која дури и на оние кои ве предложиле ќе каже доста е“, рече Пендаровски.

    Пендаровски на претседателските избори во 2019 како кандидат на СДСМ во вториот круг ја победи Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Пендаровски освои 435.656 гласови, а Силјановска-Давкова 377.446.

    Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април, а вториот заедно со парламентарните избори е на 8 мај.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира