ПЕНДАРОВСКИ СО ПОДДРШКА ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА, СИЛЈАНОВСКА СО КРИТИКИ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО КАМПАЊАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

    ПЕНДАРОВСКИ СО ПОДДРШКА ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА, СИЛЈАНОВСКА СО КРИТИКИ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО КАМПАЊАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСтево Пендаровски по вторпат ќе биде претседателски кандидат на СДСМ, откако во изборрите во 2014 беше поразен од актуелниот претседател Ѓорге Иванов.-Пендаровски и Заев пред започнување на конгресот на СДСМ во хотелот „Александар Палас“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Стево Пендаровски и официјално по вчерашниот конгрес на СДСМ е претседателскиот кандидат на партијата, кој ќе го поддржи и коалициониот партнер во Владата ДУИ. Во трката за шеф на државата на изборите кои ќе се одржат на 21 април и 5 мај, на Пендаровски противкандидат од редовите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ  ќе му биде професорката Гордана Силјановска-Давкова, која беше избрана на конвенцијата одржана на 16 февруари во Струга.

    Според говорите пред  делегати веднаш по нивниот избор, двајцата кандидати за иден претседател во предизборната кампањата ќе настапат со сосема спротивни ставови, Пендаровски со поддршка за Договорот од Преспа, додека Силјановска со критика и негово оспорување.

    Истовремено, додека вчера траеше изборот на Пендаровски за претседателски кандидат на СДСМ на конгресот во хотелот „Александар Палас“, Силјановска беше гостинка на годишниот собир на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Македонската опера и балет. И додека Пендаровски говореше дека Договорот од Преспа е постигнат на достоинствена основа со заштитен идентитет, Силјановска го критикуваше, нарекувајќи го штетен, со кој се загрозува македонскиот идентитет. Во обраќањата Пендаровски ја нарекуваше земјава Република Северна Македонија, додека Силјановска Република Македонија.

    „Оваа власт направи чудо со тоа што го сруши режимот на избори и го постигна Договорот со Грција на достоинствена основа, со целосно заштита на нашиот идентитет. Овие луѓе и ништо друго да не направат во иднина, а ќе направат, ова е доволно историјата да ги запамети. Ќе покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно, луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели, членство во евроатланските интеграции, законите кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политички претставници кои ги надминуваат вековните етнички линии на поделба“, рече Пендаровски на конгресот на СДСМ.

    Силјановска, која пред делегатите на конвенцијата во Струга рече дека ќе го отвори прашањето за промена на името, вчера кажа дека менувањето на име на држава за внатрешна употреба е непознат феномен.

    Професорката Гордана Силјановска-Давкова е првата жена која ВМРО-ДПМНЕ ја предлага за претседателски кандидат. – Силјановска и Мицкоски на конвенцијата во Струга. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Можеш да го смениш партнерот или облеката, ама татковината никогаш. Ние правниците викаме името е најсилниот знак, и така е. Кога ќе речам македонска држава, македонска нација, ако смеам нели, не мислам само за етничките Македонци туку и на другите етнички заедници. Ние не можеме да кажеме на некого како ќе се вика оти правото за самоопределување е задолжителна правна норма за сите, па тогаш тоа треба да важи и за Република Македонија. Внатре да си го смените името е непознат феномен, еве кажете ми колкумина познавате што самите си го смениле името“, рече Силјановска пред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на која дојде заедно со претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

    На претседателски избори кандидатура најави и професорот и поранешен амбасадор Блерим Река, зад кого ќе застанат Алијанса за Албанците и Движењето Беса. Тој на својот Фејсбук профил напиша дека решил да учествува на изборите бидејќи без ниту еден кандидат Албанец мултиетничко општество ризикува да се лизне во моноетничка држава и Албанците ќе бидат само гласачи, но не и гласани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира