ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА БОГОЕВ И ЗА УШТЕ ТРОЈЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА ПРИ ЈАВНА НАБАВКА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ И ЗА ПОТКУП ОД 1.800 ЕВРА

    ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА БОГОЕВ И ЗА УШТЕ ТРОЈЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА ПРИ ЈАВНА НАБАВКА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ И ЗА ПОТКУП ОД 1.800 ЕВРАПритворот е определен поради постоење опасност од бегство и поради опасност од влијание врз сведоците, четворицата осомничени имаат право на жалба против одлуките на судијата. (Фото: СДК.МК)

    По 30 дена притвор добија ексдиректорот на Царина Стефан Богоев и  уште тројца осомничени за злоупотреба при јавна набавка за чистење на граничните премини и за поткуп од 1.800 евра.

    „Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за определување мерка против 4 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание, а кои попладнево беа спроведени во судот, по нивно произнесување во присуство на бранител, донесе решенија со кои: Предлогот за определување мерки притвор против С. Б., Д. Г., А. С. и С.М. се прифаќа и на сите им се определува мерка притвор во траење од по 30 дена“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

    Мерката е определена поради постоење опасност од бегство, како што кажа претходно обвинителката Искра Хаџи Василева, и поради опасност од влијание врз сведоците. Четворицата осомничени имаат право на жалба против одлуките на судијата.

    Меѓу притворените четири лица, освен поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев, е и помошник-директор на Царината, управител на правен субјект и вработен во истата фирма.

    „Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари. Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката. Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание“, кажа Обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира