По месец дена меѓусебни реплики и контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за Договорот со Бугарија, пожарите, задолжувањата, именувањата и разрешувањата на новата Влада, мигрантите и Законот за јазиците, меѓу другото, најголемата опозициска партија вчера се откажа од понатамошната расправа за разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски, овозможувајќи му на претседателот на Собранието Талат Џафери денеска да го стави предлогот на Владата на гласање. Продолжението на седницата за Зврлевски е закажана за 11.20 часот, веднаш по продолжението на петтата седница, која што е со почеток од 11 часот.
Расправата за петтата точка од дневниот ред на шестата седница – Предлог за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија почна на 12 јули и оттогаш имаше 12 продолженија, а просечно дневно имаше по двајца говорници и околу 60 репликанти и контрарепликанти.
Расправата заврши вчера, откако тоа го побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Тие, како што рекоа, го добиле мислењето од Антикорупциската комисија, која наспроти експертската јавност и претседателот на Собранието Талат Џафери, тврди дека разрешувањето на Зврлевски во предизборен период, било кршење на Изборниот законик.
При крајот на вчерашното продолжение на седницата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара збор процедурално и кажа дека штотуку го добиле мислењето од Антокорупциската комисија.
„Со цел да не бидеме дел, од овој момент и официјално, од противзаконската постапка, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја напуштаат оваа точка од седницата, иако се пријавени за збор уште 9 луѓе и тоа може да се одолговлекува со денови. Нема да учествуваме во оваа антизаконска и противзаконска постапка“, кажа Димовски.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се повлекоа, а за последиците од разрешувањето, рекоа дека одговорноста ќе ја носи Џафери.
„Нема потреба да се објаснувам по ова прашање. Затоа јас им заблагодарувам на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои на ваков начин решија после месец дена да ја завршат својата борба за вистината по однос на она што беше тема на дискусија овие денови. Граѓаните уште еднаш ќе ценат и ќе проценат најмалку збореа за она што беше точка на дневен ред, а збореа за се и сешто“, им одговори Џафери.