Полицијата вчера казнила 461 лице оти не носеле маска. Откако на 1 мај стапи на сила уредбата на Владата за казнување поради неносење заштитна опрема, вчера се изречени најмногу казни.
Во првите две недели полицијата воопшто не казнуваше, а последниве десет дена се пишуваа по сто казни дневно. Премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче постојано го повикуваа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев да ги спроведува уредбите и да ги казнува граѓаните бидејќи мерките не се почитуваат и граѓаните се шетаат слободно без заштитна опрема на лицата.
„Полицијата на 70 лица им издаде решенија за изолација, а 62 лица потпишале изјави за самоизолација. Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, и евидентирани се две лица кои не ја почитувале мерката за самоизолација. По однос на мерката за не носење лична заштита на лице регистрирани се 461 прекршок“, стои во билтенот на МВР за вчерашниот ден.
Според уредбата на Владата задолжителното е носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.
Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метра меѓу граѓаните. Заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на станбена семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но со задолжително одржување на дистанца од два метра растојание), ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде може да одржуваат дистанца од два метра.
А. АНТЕВСКА