ПОРАДИ ПАУЗИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ЕДЕН ЧАСОТ НОЌВА ПРОДОЛЖУВА СЕДНИЦАТА ЗА ЗАВРШНАТА СМЕТКА НА БУЏЕТОТ

    ПОРАДИ ПАУЗИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ЕДЕН ЧАСОТ НОЌВА ПРОДОЛЖУВА СЕДНИЦАТА ЗА ЗАВРШНАТА СМЕТКА НА БУЏЕТОТЕден координаторите од ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, најави дека и во иднина ќе имало вакви ситуации (Фото: СДК.МК)

    Вечераното продолжение на осмата седница на Собранието за предлог-завршната  сметка на Буџетот за 2016 година прекина во 22.45 часот, кога координаторот на една од 10.те пратенички групи што ги формираше ВМРО ДПМНЕ во Собранието, побара едночасовна пауза. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја одобри паузата, и седницата ќе продолжи во 01 часот ноќва.

    Друг координатор од ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, најави дека и во иднина ќе имало вакви ситуации.

    „Така функционира малубројно парламентарно мнозинство, така функционираше и тоа на ВМРО ДПМНЕ од 2006 до 2008 година”, рече тој.

    Во првиот час и пол од продолжението пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ му реплицираа на нивниот пратеник Крсто Мукоски, а во салата не беа присутни пратениците од владејачкото мнозинство. Потоа тие се вратија во салата.

    Во репликите ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека биле ефикасни економските политики на претходната Влада на чело со нивната партија која го изготви  Буџетот за 2016.

    Во образложението на завршната сметка министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека економскиот раст на Македонија во 2016 изнесува 2,4 проценти, што е најниска стапка на економски раст во регионот.

    Пратеничката од НСДП Соња Мираковска рече дека ВМРО ДПМНЕ го злоупотребува  Деловникот на Собранието и продолжува да биде деструктивна опозиција во законодавниот дом.

    Џафери на ова рече дека нема таков деловник во светот што ќе ги предвиди и регулира сите однесувања на пратениците.

    „Ова право да се однесуваат пратениците како што се однесуваат, не го забранува Деловникот. Мислењето на пратеникот е негово право и за тоа ужива имунитет. Има гладачи, има публика кои ќе го ценат однесувањето на пратениците. Јас ќе продолжам да ја водам седницата и сите трпеливо да ве слушам”, се насмевна упорниот Џафери кон колегите од ВМРО ДПМНЕ.

    Сѐ уште е неизвесно дали тој ќе закаже продолжение на шестата седница за разрешувањето на обвинителот Марко Зврлевски за утре и задутре, бидејќи до овој момент спикерот не открива која му е намерата.

    Претходно, Собранието на нова деветта седница одлучи Предлог законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, да се донесе по скратена постапка. Како што образложи министерот Тевдовски, со законот се вршат дополнувања на одредбите од постојниот закон во насока на зајакнување на принципот на транспарентноста при користењето на наменските планираните средства, согласно јасно дефинирани услови и критериуми, утврдени во Програмата донесена од Владата на Република Македонија.

    Скратената постапка беше потребна поради поврзаноста на овој предлог закон со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на РМ за 2017, кој е на дневен ред на третата седница на Комисијата за финансирање и буџет закажана за понеделник.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира