САД побараа од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да создаде простор за пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда, и тоа внесе дополнителна нервоза кај нив, откако некои минатата недела во амбасадите на западните земји се пожалиле дека трпат невидени притисоци да не гласаат за Договорот од Преспа кој ќе ги отвори перспективите за НАТО и ЕУ.
Во писмото што вчера му го напиша помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел на Мицкоски, стои дека САД се разочарани од позициите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот за името и за чекорите во Собранието за промена на Уставот.
„Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда“, му пиша Мичел на Мицкоски.
Пратениците се дополнително вознемирени и од неофицијалните предупредувања што доаѓаат од Европските народни партии (ЕПП) дека партијата би можела да биде исклучена од членството во европската група конзервативни партии каде што главниот збор го има германската ЦДУ на Ангела Меркел, која пред дваесетина години беше силен поддржувач и спонзор на ВМРО-ДПМНЕ.
Извори од опозицијата за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека може да се очекува и исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од ЕПП ако со блокирање на договорот со Грција го блокира и членството на Македонија во НАТО.
Во писмото што вчера попладне го објави Стејт департментот, потпишано од помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел стои дека „Како што веќе разговаравме, Соединетите Држави силно веруваат дека Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција е историска можност за Македонија да обезбеди посветла иднина и да придонесе кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет. И покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков ‘подобар договор’, ние не веруваме дека тоа е можно. Овој договор бараше компромис и од двете страни. Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении. Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор“.
Во писмото до лидерот на опозицијата Мицкоски, Мичел наведува дека САД се „вистински пријател и поддржувач на Македонија“ и го поттикнува „да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи“.
За притисоците, на 8 октомври САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се жалат пред нивните колеги од опозицијата со кои разговараат за поддршка на уставните измени и пред странски амбасадори дека се под закана за животот ако ги поддржат амандманите во Собранието. Пратениците кои ги добиле заканите на мобилен телефон ги покажувале пораките пред колегите пратеници, но и пред некои од меѓународните претставници и новинари. Во некои од заканувачките пораки на смс, вибер и на воцап се споменувани и деца.
Дел од опозиционите пратеници кои јавно не кажаа дали се „за“ или „против“ предлогот за пристапување кон измена на уставот, вчера во Собранието ги повикаа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, да седнат на заедничка маса за се договорат за да најдат решение за излез од кризата.
Со повиците до Заев и Мицкоски да најдат консензус, како што изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК дел од пратениците, ќе се намали притисокот врз нив од јавноста и од дел од структури во партијата и со мирна совест ќе гласале за Договорот од Преспа.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска вчера од собраниска говорница ги повика Заев и Мицкоски да седнат на заедничка маса за да го најдат потребниот консензус и одржливо решение кое може да се најде преку неколку суштински измени на Договорот од Преспа.
„Лидерите на политичките партии треба да го истуркаат овој процес и да помогнат. Голема е нивната одговорност за Македонија да не биде изолирана. Требаше искрено да се пристапи кон решавање на ова големо прашање. Мора да си ги признаеме меѓусебно грешките инаку нема да одиме напред кон иднината.“, кажа Елизабета Канческа-Милевска.
Покрај Канческа Милевска, лидерите да седнат на заедничка маса ги повикаа и Весна Димковска Илиевска и Крсто Јовановски.
Пратеничката Илиевска рече дека водството на партиите мора да најде начин како да се издигне над своите фрустрации и лични видувања за да може пратениците да ги реализираат потребите за кои се избрани.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Јовановски го повика премиерот Зоран Заев да не ги притиска пратениците да го притиснат копчето „за“ предлогот за пристапување кон измени на Уставот, туку да седнe со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и да најдат решение.
И координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека Договорот од Преспа е штетен, но идеален договор нема.
„Договорот ги отвора вратите за брз влез во НАТО и можно влегување во ЕУ, тоа треба да го знаат граѓаните. Волјата на народот беше јасна, референдумот беше неуспешен, тоа го потврди и Државната изборна комисија. Затоа како пратеник немам ниту волја, ниту можност да гласам за измените на Уставот“, рече Данев.
На вчерашната дебата дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа пријавени за збор, ги повлекоа дискусиите.
Неофицијално тоа го направиле поради одбивањето на претседателот на Собранието Талат Џафери да му дозволи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да зборува во Собранието. Џафери објасни дека не му дозволил да зборува на Мицкоски затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не го признава за претседател на Собранието и не го почитува деловникот со начинот на кој му се обраќа. Дискусиите ги повлекоа Весна Пемова, Зоран Ѓорѓиев, Лилјана Затуровска, Лилјана Кузмановска, Дафина Стојановска, Иван Иванов и Борис Змејковски.
На листата дискутанти од опозицијата се останати само имињата на Трајко Вељаноски, Владанка Авировиќ, Нола Исмајлоска Старова и Панчо Минов.
Пратеникот Никола Груевски, кој на оваа седница се појавува првпат во Собранието по 14 март, кога за малку ќе се степаше со спикерот Џафери при носењето на Законот за јазиците, не се има пријавено за дискусија.
За дискусија се останати околу 20 пратеници, седницата продолжува денеска.
Г. ТРПЕНОСКИ