ПОВЕЌЕ ОД 25 ПРАТЕНИЦИ НА ОПОЗИЦИЈАТА СЕ СВЕСНИ ДЕКА ТРЕБА ДА ПОНЕСАТ ОДГОВОРНОСТ, РЕЧЕ ЗАЕВ НА КРАЈОТ ОД КОМИСИСКАТА РАСПРАВА ЗА ИЗМЕНИ НА УСТАВОТ

    ПОВЕЌЕ ОД 25 ПРАТЕНИЦИ НА ОПОЗИЦИЈАТА СЕ СВЕСНИ ДЕКА ТРЕБА ДА ПОНЕСАТ ОДГОВОРНОСТ, РЕЧЕ ЗАЕВ НА КРАЈОТ ОД КОМИСИСКАТА РАСПРАВА ЗА ИЗМЕНИ НА УСТАВОТКомисијата за уставни прашања го усвои Владиниот предлог за потреба од уставни измени, а в понеделник треба да се одржи пленарната седница на која треба да се расправа за предлогот за измени на Уставот. За да помине на гласање, „за“ треба да гласаат 2/3 од пратениците, односно и власта и опозицијата. (Фото: К. Попов)

    Собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и 7 „против“ донесе заклучок со кој го поддржа Владиниот предлог за пристапување кон промена на Уставот во врска со Договорот за името со Грција и Собранието да пристапи кон гласање на уставните измени. За да бидат усвоени уставните измени потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Собранието наложи Владата во рок од 15 дена да го изготви и утврди нацрт-текстот на уставните амандмани.

    В понеделник треба да се одржи пленарната седница на која треба да се расправа за Владниот предлогот за измени на Уставот. За да помине на гласање, „за“ треба да гласаат 2/3 од пратениците, односно и власта и опозицијата.

    И на денешната комисиска расправа и власта и опозицијата останаа на своите ставови.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија го повтори ставот дека нема мандат да гласа за измените на Уставот, и дека никој од пратениците на опозицијата нема да го поддржи Договорот.

    „Ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените. Ќе видиме в понеделник, ќе нема мнозинство, ќе ги распишете предвремени избори. Немам мандат за гласам против менување на уставното библиско име Република Македонија“, рече Стевананџија.

    Премиерот Зоран Заев во репликата до Стевананџија ја повика опозицијата уште еднаш да размисли пред гласањето на собраниската седница која е закажана за понеделник.

    „Јасна е позицијата на опозицијата, вие сте против. Ако одиме на избори ќе изгубиме две три месеци, ќе има трошоци. Ако не гласаме и нема 2/3 мнозинство, мора да одиме на избори, но ќе ја блокираме Македонија во влезот во ЕУ и во НАТО, само затоа што го прецизираме името. Си правиме играчки ако мислите дека може да се допреговара, дека ќе има нов договор. Но нема да има нов договор. Повеќе од 25 пратеници на опозицијата се свесни дека треба да преземат одговорност. Јас сум спремен за одговорност“, рече Заев.

    Стевананџија на Заев му кажа дека ќе се види в понеделник кој ќе биде „против“, а кој „за“

    „Ајде да одиме побргу на избори“, рече Стевананџија.

    Заев повтори дека е јасно дека не беа исполнети двата услови на референдумот и затоа референдумот беше консултативен, а одлуката сега е кај институциите.

    „На сите им е јасен правниот аспект, но кажете што правиме со државата“, рече Заев

    Самка Ибраимовски од ПЦЕР кажа дека ќе гласа за промена на Уставот, не затоа што сака, туку затоа што тоа сака ромскиот народ да живее поубаво.

    „За првпат не канат во европскиот дом, и не треба да ја пропуштиме оваа шанса. На големите патриоти им порачувам какви се тие патриоти кога за Македонија ‘душа даваат’, а рака во буџет ставаат“, рече Ибраимовски.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајче Димков рече дека е најсрамен чин да се бара промена на уставното име.

    „Со спогодбата прифаќаме ново име, но тоа нема да се случи, ние треба да станеме северномакедонци, регистарските таблички ќе се менуваат и сите ќе не именуваат како Северна Македонија“, кажа Димков.

    Заев на Димков му рече дека вреди да се размисли и дека едноставно е да се каже не.

    „Без опозицијата ништо не можеме да направиме во овој парламент, немаме мнозинство. Имаме време сега и на пленарна седница да одлучиме. Граѓаните ќе бараат одговори“, рече Заев.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира