ПОЗАГРИЖЕНИ БЕВМЕ ЗА ОТВОРАЊЕ НА КАФЕАНИТЕ, ОТКОЛКУ ЗА УЧИЛИШТАТА, ВЕЛИ ПАТРИЦИЈА ДИ ЏОВАНИ ОД УНИЦЕФ

    ПОЗАГРИЖЕНИ БЕВМЕ ЗА ОТВОРАЊЕ НА КАФЕАНИТЕ, ОТКОЛКУ ЗА УЧИЛИШТАТА, ВЕЛИ ПАТРИЦИЈА ДИ ЏОВАНИ ОД УНИЦЕФОд 1 октомври 2020, во школо одат само учениците од прво до трето одделение, а останатите онлајн следат настава. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Позагрижени бевме за отворање на кафулињата и рестораните, отколку за отворање на училиштата, рече денеска претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани. Од 1 октомври 2020, во школо одат само учениците од прво до трето одделение, а останатите онлајн следат настава. Учениците од дома учат уште од лани од март.

    „Денес не треба да разговараме за тоа кога треба да се отворат училиштата, туку какви ќе бидат условите за да се отворат, во смисла на хигиената и другите заштитни мерки. Затоа што не сме секогаш сите обѕирни, и јас самата понекогаш заборавам да ставам маска или да ги измијам рацете. Наш став е дека училиштата требаше последни да се затворат, а први да се отворат. Позагрижени сме за економијата. Требаше некои објекти да останат затворени, но школите да останат отворени. Но, гледано на меѓународно ниво, се направи компромис, дека не можеше се да се отвори наеднаш. Заради менталното здравје, децата треба да уживаат во летните месеци, а за понатаму, прво да ги видиме условите“, кажа Џовани.

    УНИЦЕФ денес ја презентираше ажурираната студија на социјалните и економските ефекти врз децата, која ја спроведоа „Фајненс тинк“ и поддржана од УСАИД, во која меѓудругото се вели дека ограничувањето на движењето, карантините, промената кон учење на далечина и намалената социјализација имаа негативно влијание врз менталната детска благосостојба.

    Според студијата, додека владините социо-економски мерки против ковид-19 го ублажија влијанието врз екстремната детска сиромаштија, повеќе деца живеат под просекот на животниот стандард.

    „Екстремната сиромаштија  (т. е. домаќинства што живеат со помалку од 1,9 долари на ден) се намали за една третина. Сепак, загрижувачки е што повеќе од една четвртина (27% ) од семејствата кои станале подобни за гарантирана минимална помош во текот на пандемијата, не ја искористиле. Проекциите покажуваат дека процентот на деца кои живеат во домаќинства чиј животен стандард е значително под националниот просек (релативна сиромаштија) се зголеми од 27,8 проценти пред пандемијата, на 32,4 отсто. Ова става дополнителни 19.000 деца во Северна Македонија под релативната линија на сиромаштија – што е повисоко во споредба со проценката од јули 2020 година од 16.000 деца“, рече професорот Марјан Петрески.

    • Бројот на пријавени случаи на насилство врз деца се зголеми веднаш по избувнувањето на пандемијата, за 14,7 проценти во вториот квартал од 2020 година.
    • Во текот на третиот и четвртиот квартал од 2020 година, бројот на пријавени случаи во центрите за социјална работа во споредба со пријавените во полиција значително се намали. Студијата нагласува дека иако ова намалување може да биде поврзано со намалените ограничувања на движењето, веројатно е дека тоа е резултат и на нарушеното обезбедување услуги за превенција од страна на социјалните работници за време на пандемијата.
    • Анкета спроведена со педијатрите покажа намалување на обемот на работа за време на Ковид-19, претежно заради стравот на родителите и децата да не се заразат со Ковид-19 при посета на здравствените ординации. Ова доведе до значително намалување на испораката на здравствени услуги за децата во областите на дијагностика, третман на хронични болести, примарна здравствена заштита и ментално здравје.
    • Наставниците – 25 проценти во средните училишта и 18 проценти во основните училишта – забележаа зголемена вознемиреност и стрес кај учениците со преминот кон учење на далечина.
    • Националната платформа за учење на далечина придонесе за систематизација и унификација на образовниот процес за учениците кои посетуваат настава онлајн. Сепак, проблемот со пристапот до образование опстојува, особено за ранливите групи, како што се децата во ризик од сиромаштија, ромските деца и децата со попреченост.
      Отворањето на предучилишните установи им овозможи на многу родители и деца да добијат организирана поддршка за рано учење. Сепак, многу деца сè уште остануваат дома и родителската поддршка треба да биде континуирана за да се осигури квалитет во раното учење.

    Во препораките на новото истражување, меѓудругото,  се истакнува дека повторното отворање на училиштата мора да биде приоритет и да се осигура дека наставниците и училишниот персонал ќе примат вакцина против ковид-19 , така што тие ќе бидат заштитени од вирусот и ќе можат да одржуваат часови во физичка училница.

    „Децата не се лицето на оваа пандемија, но тие се меѓу нејзините најголеми жртви. Со повеќе од една година затворања, празни училници, нарушени услуги, загуби во семејната егзистенција, животот на децата се смени на длабински начин. Погодени се сите деца, од сите возрасти, но за најранливите пандемијата и нејзините социо-економски последици ги влошија претходно постоечките слабости и неповолности. Без дополнителни инвестиции во мерки за враќање на пристапот до виталните услуги во заштитата, образованието и здравството, пандемијата може да има доживотно влијание врз децата“, кажа  Ди Џовани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира