Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов е позитивен на ковид-19, потврдил тој за МИА. Папазов, кому во неделата му се слоши и падна за време на прес-конференцијата во Скопје на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со 40 градоначалници од неговата партија, доцна попладнево добил позитивен резултат на ПЦР-тестот го направил во кочанскиот Центар за јавно здравје.
САКАМДАКАЖАМ.МК денеска попладне се обиде од ВМРО-ДПМНЕ да добие потврда за веста дека Папазов е позитивен на коронавирус, но портпаролката ни кажа дека и самата е на боледување поради ковид-19, а иако вети дека дека ќе дополнително ќе испрати, подоцна немаше потврда за состојбата на кочанскиот градоначалник.
Како што објави МИА, во текот на денот, на негово барање на Папазов му бил направен амбулантски преглед, откако се посомневал за здравствената состојба по претходниот позитивен резултат од брзиот антигенски тест. Подоцна е снимен на томографот во штипскиот Ковид-центар, но не е задржан на болничко лекување. За МИА, Папазов потврди дека се чувстува добро, без видливи симптоми на ковид-19, иако и двата теста биле позитивни.
Папазов вчера ја презеде градоначалничката функција, но од денеска е на боледување и ќе работи од домашна изолација.
Откако Папазов се струполи во неделата, Мицкоски ја прекина прес-конференцијата, на која беа присутни сите нови градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, и по неколку минути кажа дека Папазов е добро. Кусо после прес-конференцијата, Мицкоски на својата фејсбук страна објави фотографија со Папазов снимена внатре во партиското седиште во Скопје на која обајцата се без маски, и потврди дека му е добро и оти „мора да вети дека нема го прескокнува појадокот“.
Според здравствените протоколи, контактите на Папазов кои се двојно вакцинирани не треба да бидат во изолација. Лидерот Мицкоски објави дека се вакцинирал против коронавирус на почетокот на септември.
Во моментов, поради ковид-19 во изолација се и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката Ангелинка Петкова, но се очекува в четврток да дојдат во Собрание на седницата и во скафандери да гласаат за довербата Владата.