Постојаната анкетна комисија во Собранието за човекови права ја почна денешната седница и во неполн час се избрука пред дојдените ужалени родители на загинатите 63 млади луѓе и деца во пожарот во диското „Пулс“ во Кочани на 16 март, кога пратеничката Иванка Василевска почна да го навредува претседателот на Комисијата Димитар Апасиев. Оваа седница на Комисијата Апасиев ја свика по добиената претставка од Здружението на граѓани „16 март 2025“, познато и како Здружение на родителите на загинатите деца во Кочани.
Имено, Василевска прво со тажен и треперлив глас им се обрати на родителите, а веднаш потоа почна да вика по Апасиев дека не смее да ја води оваа Комисија бидејќи однапред обвинението го осудил на пропаст, цитираше што зборувал за истрагата и за обвинението, не им дал материјали на пратениците навреме и слично. Го обвини дека ја свикал Комисијата само за да копа по болката на родителите на загинатите и на повредените во Кочани, упатувајќи му навреди дека како професор по право не го познава правото.

Василевска им кажа на родителите да тргнат со неа, тие одмавнаа со главите. Продолжи да ги убедува, но ниту еден од нив не тргна по неа. (Фото: СДК.МК)
„Барам еден час пауза и ги повикувам родителите на загинатите да дојдат со мене и да им пуштам изјави од Димитар Апасиев”, ги канеше таа родителите дојдени во салата „Борис Трајковски“ во Собранието.
Апасиев даде пауза. Василевска им кажа на родителите да тргнат со неа, тие одмавнаа со главите. Продолжи да ги убедува, но ниту еден од нив не тргна по неа.
„Остави ги Иванка, ајде”, ѝ рекоа колегите пд ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа време, гледаа што се случува претседателката Гордана Силјановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски, седнати во првиот ред.
Кога викаше по Апасиев, пратеничката Василева извади и писмо од Државниот обвинител Љупчо Коцевски до Гаши, го прочита од говорницата.
Во тоа писмо Коцевски набројува колку истраги се водат за Кочани, но и судење, како и истрага за јавни набавки за изгорената модуларна болница во Тетово и притоа апелира да не се водат паралелни истраги со Анкетната комисија, за да не се наштети на истрагите и на доказната постапка, за да не се компромитираат докази и сведоци.
Но Апасиев во реплика кусо ѝ одговори:
„Писмото од Коцевски е за вмровската анкетна комисија, не за оваа Постојана анкетна комисија при Собранието на Македонија, која е уставна категорија. Пратеничката сака да ве изманипулира”.

Бараме целосна правда. Нивните животи згаснаа во еден миг во една ужасна трагедија како резултат на неспособноста на сите нивоа на власта, велат родителите на загинатите во претставката до Комисијата. (Фото: К. Попов)
Во претставата на Здружението „16 март 2025“ се посочува дека ова за нив не е политичка тема, туку борба за правда за нивните деца и спречување на идни вакви случаи. Во неа се нагласува дека не сакаат ништо повеќе од она што Уставот и законите треба да го гарантираат: одговорност и почитување на човековите права и човечкиот живот, а за што сметаат дека постои јасна и неодложна обврска институциите да дејствуваат.
„Ние се обраќаме кон вас со голема болка. Но ние не се парализиравме. Бараме целосна правда. Нивните животи згаснаа во еден миг во една ужасна трагедија како резултат на неспособноста на сите нивоа на власта. Бараме овој случај да се разгледа како повреда на човековите права. Но бараме и одговори – зошто не се гонат актуелни функционери од МВР, од БЈБ, СВР Штип, ОВР Кочани, од УЈП, од Пазарната инспекција? Истрагата се води селективно. Се гонат само тие на пониските позиции, а носителите на функции, началници, директори слободно се шетаат низ градот. Трагедијата е резултат на корупција. Системот со години им дозволувал да заработуваат поединци на грбот, на животот на недолжни луѓе”, кажа Марија Петрушова, чие дете загина во катастрофалниот пожар.
Ветувањата дека никој нема да биде поштеден, рече таа, паднаа во вода.
„Зошто не се гонат кривично актуелни функционери? Каде е актуелниот министер за економија, началникот на СВР Штип, началничката на Кочанската полиција, главната инспекторка за економски криминал во полицијата, УЈП, Пазарна инспекција…?”, праша Петрушова.
Петрушова рече и дека врз родителите и семејствата на жртвите е направена доскриминација.
„Немаме одговор ни од Владата, ни од премиерот за нашето барање за финансиска помош. За разлика од трагедиите во модуларната болница во Тетово и другите, Владата веднаш одржа комеморација, донесе одлука за психолошка помош и две одлуки за финансиска помош. Ние и по 9 месеци не добивме ништо”, кажа Петрушова.
Премиерот Мицкоски подоцна во изјава за медиумите рече: „Ние како држава ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме на тие коишто се лекуваат, да ја дадеме сета онаа нега којашто е потребна, и се разбира сочувствуваме со болката на сите оние семејства коишто ги загубија своите најмили“.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ зошто нема одговор од Владата за барањата на родителите за финансиска помош, премиерот рече: „Не го коментирам тоа прашање“.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март со 63 жртви и над 200 повредени почна на 19 ноември, а го води судијката Диана Груевска-Илиевска. Сите 35 обвинети физички лица и три правни лица се изјаснија за невини. Следното рочиште е закажано за 10 декември.
С. К. ДЕЛЕВСКА



