ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ ГЛАСАА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ СЕ ИСКЛУЧЕНИ ОД ПАРТИЈАТА, КАЖА ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ МИЦКОСКИ

    ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ ГЛАСАА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ СЕ ИСКЛУЧЕНИ ОД ПАРТИЈАТА, КАЖА ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ МИЦКОСКИНа новинарско прашање дали ќе поднесе оставка откако на гласањето се покажало дека нема единство во партијата во однос на Договорот со Грција, Мицковски не одговори, туку рече дека на наредните избори ќе го порази Зоран Заев (Фото: принтскрин од видео)

    Седумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени веднаш ќе бидат исклучени од партијата, кажа вечерва на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Оваа одлука била донесена на вонредна седница на Извршниот комитет (ИК) на партијата која се одржала веднаш по завршување на гласањето во Собранието.

    „Овој чекор на 8 пратеници од опозицијата, без разлика што се вклучени во политички прогон и им висат обвиненијата, јас како човек не можам да го оправдам ниту да ја разберам нивната постапка. Обврската кон граѓаните е поважна од било каков притисок или закана. Има пратеници кои исто така се  опфатени со политички прогон, но гласаа согласно партиски став и волја на граѓаните. Оние кои постапија спротивно од волјата на граѓаните и ставот на партијата ме разочараа мене, но пред сè партијата и татковината и затоа ИК на вонредна седница и на предлог донесе одлука пратениците Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска-Старова, Љубен Арнаудов и Зеќир Рамчиловиќ веднаш да бидат исклучени од партијата“, кажа Мицкоски

    Мицкоски го обвини премиерот Зоран Заев дека со уцени и притисоци врз пратениците успеал да обезбеди двотретинско мнозинство.

    На новинарско прашање дали ќе поднесе оставка откако на гласањето се покажало дека нема единство во партијата во однос на Договорот со Грција, Мицковски не одговори, туку рече дека на наредните избори ќе го порази Зоран Заев и дека со уставните измени се случи црн петок, најцрн во демократијата на земјата.

    „Ова е силување на процедурите. Заев нанесе срам. Македонија е во тешка ситуација. Ова е почеток на крајот на Зоран Заев, не очајувајте мораме да се спротивставиме на ова зло. Не чека напорна работа. Сега избега, но ќе те победам на следните избори, кога и да се одржат“, рече Мицкоски.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира