По паузите што следеа откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се почувствуваа навредени од пратеничката на СДСМ Фросина Ременски на Денот на демократијата со тоа што побара од пратеникот Сашо Василески да се извини што како лекар ги отвори вратите на Собранието на 27 април и го загрози животот на колегите, попладнево тие се почувствуваа навредени и од пратеничката од СДСМ Јагода Шахпаска. Тоа беше причина да побараат нова пауза за време на расправата за Законот за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина.
Откако пратеникот Димитар Стевананџија и неколку негови колешки обвинија за хаос во здравството, непотизам, полтронство, партизација, смена на најстручните лекари во Македонија, како што рекоа, Сашко Кедев и Аспазија Софијанова, и особено откако тие ја обвинија новата власт дека од нивното доаѓање починале 10 деца и новороденчиња, излезе на говорницата пратеничката Шахпаска и ги обвини колегите за лицемерие.
„Како можете да бидете толкави лицемери. Зар заборавивте дека одговорноста за смртта на Тамара лежи најдиректно и кај Аспазија Софијанова? Како не ви е срам да забошотите дека најголемата смртност кај новороденчињата, 14,3 проценти беше за време на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а особено во првите два квартала кога се формираше новата влада? Ги споменувате 10-те тажни случаи без да споменете каков пустош оставивте во здравството?”, праша Шахпаска од говорницата.
Пратениците од опозицијата се навредија и од неа, а особено што навредила лекари од говорницата и побараа пауза за да се смират страстите. Претседателот Талат Џафери им укажа на колегите од ВМРО-ДПМНЕ дека ако не се откажат од паузата, седницата ќе трае и по 20 часот, бидејќи, како што рече, има намера да го спроведе договореното со пратеничките групи. Пратениците од опозицијата не се откажаа од барањето.
С. К. ДЕЛЕВСКА