ПРЕДЛАГАМЕ 20 ПАТИ ПОВИСОКИ КАЗНИ ЗА ЗАГАДУВАЧИТЕ, ОПШТИНИТЕ ЌЕ МОРА ДА СИ НАПРАВАТ ПЛАНОВИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ, КАЖА МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ

    ПРЕДЛАГАМЕ 20 ПАТИ ПОВИСОКИ КАЗНИ ЗА ЗАГАДУВАЧИТЕ, ОПШТИНИТЕ ЌЕ МОРА ДА СИ НАПРАВАТ ПЛАНОВИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ, КАЖА МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИНуредини кажа дека покрај казната за загадување ќе мора да се надомести и сторената штета. (Фото:МЖСПП)

    „Секој од нас треба да придонесе за чист воздух и здрава животна средина, а ние како Министерството преземавме низа чекори за тоа да биде остварливо, кажа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на денешната прес-конфренција за 100 дена Влада.

    Како што кажа Нуредини, во Собранието се поднесени предлози за измени на девет закони од областа на животната средина, во кои се предвидени до 20 пати повисоки казни за загадувачите, и дополнително со новиот Закон за прекршоците е предвидено секој што ќе ги прекрши законите од областа на животната средина или нема да работи согласно дозволите, покрај тоа што ќе мора да ја плати казната, ќе треба да ја надомести и сторената штета.

    „Со предложените измени на Законот за животна средина создадовме алатка за справување со историското загадување и жешки точки. Истовремено, изготвивме и доставивме до Собранието и измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух со кои се утврдија критериуми и донесување на листа на општини кои ќе мораат да изготват планови за чист воздух за своите граѓани. Дополнително, согласно ЕУ законодавството, се пропиша обврска за донесување на краткорочни акциски планови во периодите кога имаме високи концентрации на загадување во одредени општини, кои ќе мора да бидат одобрени од Министерството за животна средина и просторно планирање и да содржат конкретни задолжителни мерки кои се однесуваат на транспортот, индустријата, ранливите групи, работното време и така натаму. Доколку општините не ги спроведат овие мерки, Владата ќе може да предвиди стапување на сила на вакви рестрикции не само како препораки, туку како наредби“ кажа министерот Нуредини.

    По иницијатива на Министерството, во првите 100 дена Осоговските Планини се прогласени за заштитен предел, а почнати се постапките за прогласување на Шар Планина за национален парк, дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V заштитен предел, а локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата Парк на природата.

    Во однос на конкретни активности со кои Министерството се бори со загадувањето Нуредини ги наведе поставување нова мониторинг станица во Гевгелија,  замена на 30 мерни инструменти, набавени и дистрибуирани се опрема и 39 возила за собирање на комунален отпад во Источниот и Североисточниот регион. Безбедно е завршен процесот на преточување на винил хлорид хономерот од Охис, по што тој беше транспортиран и уништен во Германија.

    „За побрзо зазеленување на нашата држава и зачувување на природните богатства, исклучително важно е да разбереме дека животната средина е обврска и бара ангажман од сите нас. Потребно е многу мало невнимание за деградирање на животната средина, а многу време и посветеност за нејзино враќање во живот“, кажа Нуредни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира