ПРЕПОРАКАТА ЗА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО НА ФАКУЛТЕТИТЕ 3 НЕДЕЛИ ПАТУВА ОД КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ДО ВЛАДАТА

    ПРЕПОРАКАТА ЗА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО НА ФАКУЛТЕТИТЕ 3 НЕДЕЛИ ПАТУВА ОД КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ДО ВЛАДАТАРекторската управа на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ смета дека е најдобро одлуката за настава со физичко присуство да ја носи секој факултет поодделно. (Фото: СДК.МК)

    И по три недели од препораката на Комисијата за заразни болести наставата во факултетите да се насочи кон физичко присуство, за тоа не е донесена одлука од Владата, па најголемиот дел од високообразованите единици во земјава предавањата уште ги одржуваат онлајн. Препораката студентите да се вратат во клупите беше донесена уште на 15 февруари. Сите ученици се вратени во училишните институции, само не студентите иако епидемиолошката состојба со ковид-19 е подобрена. Тие учат онлајн веќе две години.

    Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехемедовиќ, вели дека Комисијата само носи препораки кои потоа треба да поминат на Главниот координативен кризен штаб и на Влада.

    На прашањето дали министерот за здравство Беким Сали предлогот на Комисијата го доставил до Влада, од Министерството за здравство ни одговорија дека се работи за административна процедура која е во тек и во најкус можен рок на Кризниот штаб при Владата ќе биде донесен соодветниот заклучок.

    На Влада побрзо помина препораката за укинување на обврската за вакцинален сертификати за влез во моловите отколку враќање на студентите во амфитеатрите.

    Настава со физичко присуство има на некои факултети при одржување на пракса, колоквиуми или на студиски програми со мал број студенти. Онаму каде бројот на студенти е голем во амфитеатрите не можат да се спроведат мерките за заштита, поточно да се одржи потребната оддалеченост меѓу присутните, па предавањата се одржуваат преку Интернет.

    Дел од факултетите во земјава велат дека немаат добиено протоколи за одвивање настава со физичко присуство, па не знаат до колку студенти е дозволено да бидат во една иста просторија. Онаму каде групите се големи ќе треба реорганизација по факултетите за да се поделат на помали.

    Од Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ велат дека Ректорската управа констатира оти е најдобро одлуката во врска со препораката да ја носи секоја единица поодделно и автономно врз основа на нејзините специфики, можностите, севкупните услови и бројот на студенти по групи.

    „Одделни факултети постапно ќе се враќаат на класичниот начин на предавања, а особено на одржување на практичната настава, која беше и најзасегната во текот на оваа пандемија. Со строго почитување на мерките и безбедносните протоколи студентите од помалите групи можат да држат настава и со физичко присуство. На единиците каде бројот на студенти во групите е поголем и капацитетите на амфитеатрите не дозволуваат почитување на мерките наставата продолжува да се одвива онлајн“, вели проректорот за настава проф. д-р Љупче Кочоски.

    Битолскиот универзитет им препорачува на единиците при подготвувањето на новите курикулуми за своите студиски програми да вклучат и можност за изведување онлајн настава, со што смета дека во иднина ќе биде уште пофлексибилен за некои нови непредвидени ситуации.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира