САМО УШТЕ ФАКУЛТЕТИТЕ СЕ ОНЛАЈН, КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПРЕПОРАЧУВА СТУДЕНТИТЕ ДА СЕ ВРАТАТ СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО

    САМО УШТЕ ФАКУЛТЕТИТЕ СЕ ОНЛАЈН, КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПРЕПОРАЧУВА СТУДЕНТИТЕ ДА СЕ ВРАТАТ СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВОСтудентите се полнолетни и досега можеа да се вакцинираат, па така немаше да бидат закана за здравјето на професорите (фото: СДК.МК)

    Две години студентите на државните и приватните факултети следат настава онлајн. Училиштата од почетокот на оваа учебна годината имаат настава со физичко присуство, градинките работат нормално, а за сите институции, фирми, компании, културни установи, организатори на настани изготвени се протоколи за работа со физичко присуство. Само студентите уште следат настава од дома, а на факултет се појавуваат оние кои мора да имаат практична настава. Теоретските предавања и полагањето на испити се врши онлајн.

    Станува збор за популација што е над 18 години. И студентите и професорите се полнолетни, можат да се вакцинираат, и не мора да бидат закана за здравјето на едните кон другите. Здравствените власти како да заборавија на нив и тие се во привилегирана положба во однос на сите други кои одамна одат на работа. Во меѓувреме, професорите бркаат проекти, се појавуваат по телевизиски емисии на дебати, а студентите наместо на предавања и на вежби каде што неодејќи се заштитени од ковид-19, се мешаат со своите врсници по кафулиња и дискотеки.

    Дури оваа недела Комисијата за заразни болести препорача наставата на факултетите да се насочува кон физичко присуство, поткрепена со вакцинирање на студентите и професорскиот кадар. Но, оваа препорака министерот за здравство Беким Сали треба да ја достави до Кризниот штаб на Владата, по што ќе се заземе став по неа.

    Од Министерството за образование досега не донесоа препораката за начинот на работа на факултетите велејќи дека Универзитетите имаат автономно право да носат одлуки за начинот на кој ќе се одвива наставата.

    „Согласно законската регулатива, високообразовните установи во земјава се автономни кога е во прашање функционирањето и организирањето на работата, така што секој факултет индивидуално одлучува како и на кој начин ќе ја организира академската година. Дали тоа ќе биде преку далечинско учење, со физичко присуство или пак, комбинирано е одлука која треба да ја носат во координација со Комисијата за заразни болести на која ги упати МОН. Согласно информациите со кои располагаме врз основа на комуникацијатa со нив, најголем дел од факултетите применуваат комбиниран модел на настава“, велат од Министерството за образование.

    Ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј Никола Јанкуловски вели дека високите бројки на новозаразени се причина поради која на факултетите сè уште теоретскиот дел од наставата се одвива онлајн, но праксата се одвива со физичко присуство во помали групи.

    „Будно ја следиме ситуацијата и трендовите за да можеме да почнеме со настава со физичко присуство. Уште имаме високи бројки на новозаразени. Кој ќе биде одговорен ако се направи некој кластер од полн амфитеатар? Веднаш штом паднат бројките ние ќе почнеме комплетно со настава со физичко присуство“, вели ректорот Јанкуловски.

    Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев велат дека факултетите не добиле никакви протоколи за настава со физичко присуство.

    „Владата треба да донесе препорака да се почне со физичко присуство и да се изработат соодветни препораки. Сакаме да почнеме да работиме со физичко присуство. Факултетите немаат капацитетите да одржуваат предавања со два метри одалеченост, па треба да ги делат групите. Исто така имаме и слаба вакцинација меѓу студентите. Јас бев иницијатор да се отвори пункт за вакцинација на Универзитетот, но ниту тоа не го зголеми интересот. Можеби доколку се почне со физичко присуство ќе се забрза процесот на вакцинација“, вели професор Дуев.

    Пунктот за вакцинација на Универзитетот Кирил и Методиј беше отворен лани во септември како еден од начините на Министерството за здравство да ги мотивираат младите луѓе да се вакцинираат против ковид-19.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира