Новиот претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски ќе се зафати со реформа на разузнавачките служби, особено во делот на Агенцијата за разузнавање, но во неа нема да има место за четири лица што се под истрага на Обвинителството.
„Сите оние кои се огрешиле пред законот и Уставот, а според моите информации Обвинителството води истрага за 4 такви лица, нема да бидат дел од тимот што е под ингеренција на Претседателот“, одговори Пендаровски на новинарски прашања по денешното врачување на Уверението за претседател на државата од ДИК.
Тој не прецизираше дали тие лица се од Агенцијата за разузнавање, или од неговиот кабинет. Потсети дека постапки од Обвинителството за учество во неколку немили настани се отворени и за лица вработени во АРМ, чиј Врховен командант од утре ќе биде тој.
Прашан за неговиот кабинет, рече, нема да има политички реваншизам.
„Секој што си ја работел добро работата ќе си го задржи своето работно место. Апелирам до овие принципи да се држи во иднина секоја власт. Времето на политички реваншизам заврши“, рече тој.
Прашан за непотпишаните закони од досегашниот претседател Ѓорге Иванов, рече дека ќе се потруди да ги потпише уште во првите неколку дена од мандатот.
На овие претседателски избори рече дека е посебно горд, зашто за првпат по 25 години сите кандидати во изборниот процес ги признаа резултатите од гласањето. Меѓународната заедница, рече Пендаровски, даде позитивна оценка за изборите, што според него е доказ дека ние можеме да организираме европски избори.
Посебно се заблагодари на ДИК за покажаната професионалност на високо ниво.
За утре, на свечената изјава во Собранието, рече дека се најавени високи странски државници. Потоа, најави дека ќе замине во претседателската вила на Водно кај Иванов, со кого ќе направат примопредавање на функцијата претседател на Републиката.
С. К. ДЕЛЕВСКА