Прилеп има највисока стапка на смртност во земјава од почетокот на коронакризата – 298.1, со бројка на починати 284. Најмногу починати се во Скопје, 1.077, а морталитетот е 174. Стапката на морталитет е најниска во Македонска Каменица, 52.3, додека најмалку починати има во Дојран, 3.
Инфектолози од болницата во Прилеп на прашањето зошто смртноста е толку висока велат дека во последно време забележуваат оти дел од пациентите доаѓаат да побарат лекарска помош многу доцна, а тие или се во поодминати години или се со коморбидитети.
Епидемиолозите посочуваат дека голем број на граѓани ги кријат контактите и не го кажуваат критичниот настан каде се заразиле. Со тоа свесно придонесуваат за зголемен број на заразени.
Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје од Прилеп, вели дека од 8 до 14 февруари бројот на новозаразени е 379, што покажува 20 до 25 процентно зголемување на неделно ниво. За една недела во Прилеп има и 14 починати, а активни случаи во моментов се 804. Од појавата на пандемијата до денес се разболеле 8.122 прилепчани.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ),за податоци обработени до 14 март, највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Крушево (272.9), Охрид (254.9) и Струга (229.9). Највисок леталитет (смртност) се регистрира во Крушево и Струга, 7% и 6.2 %
Од Центарот за јавно здравје Прилеп појаснуваат дека морталитет е показател за бројот на смртни случаи на вкупниот број на население, на пример, 200 смртни случаи на 100.000 население.
„Леталитет е број на починати случаи на 100 заболени изразен во проценти. Додека пак инциденца е број на потврдени позитивни случаи на бројот на население во една општина или вкупен број на население на цела држава“, ни рекоа од ЦЈЗ Прилеп.
Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Кавадарци со 8.997,5 на 100.000 жители, Неготино (8.240,5/100.000) и Скопје (8.083,1/100.000), а најниска инциденца со 2.322,1 заболени на 100.000 жители се регистрира во Македонски Брод.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски вчера рече дека состојбата со болеста во општината е алармантна и крајно загрижувачка. Запрашан на што се должи највисоката смртност во Прилеп, Јованоски рече:
„Не можам да кажам за тој дел, тоа би го кажале здравствените работници од болницата со Прилеп, но можам да кажам дека ете правопропорционалено е бројот на починати пациенти со бројот на заразени“.
Во неделниот извештај на ИЈЗ, од друга страна пак се наведува дека во Дебар, Делчево, Виница и Кратово има намалување на бројот на новозаболени кога се анализираат двата двонеделни периоди.
За податоците во однос на симптоматологијата, коморбидитетите, одредени групи на случаи, контактите и импортираните случаи, од ИЈЗ потенцираат дека се однесуваат на анализите направени заклучно со 4 јануари.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), регистрирани се 3.340 смртни случаи (Лт = 3,0%). Во однос на дата на смрт најголем број на смртни случаи се регистрирани на 30 ноември 2020, 40.
Од регистрираните смртни случаи во земјава, најголем дел се на возраст над 60 години (2.674) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 697,6/100.000 жители. Регистрирани се 2.094 смртни случаи кај лица од машки и 1.246 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 2.398 (83,7% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (1.880), дијабет (836) и белодробна болест (376). Регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени и 24 смртни случаи кај здравствени работници.
Од почетокот на коронакризата во земјава се регистрирани 113.929, оздравени се 98.676, починати се 3.364, а активни случаи се 11.889.
Ж. ЗДРАВКОВСКА