УШТЕ Е РАНО ЗА НОВИ МЕРКИ ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛАТ ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ И ВЛАДАТА

    УШТЕ Е РАНО ЗА НОВИ МЕРКИ ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛАТ ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ И ВЛАДАТАНа владината седница не се разговарало за нови мерки; - Пациент во монтажната ковид болница до Инфективна клиника. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сè уште не се предвидува заострување на мерките против ковид-19. Иако дел од кризните штабови на општините бараат нови рестрикции бидејќи граѓаните се собираат и дружат, а бројот на новозаболени и хоспиталиизрани се зголемува од ден на ден, засега нови мерки не се предложени.

    Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, на прес-конференција побара полициски час од 19 часот бидејќи, како што кажа, состојбата е алармантна. Продолжено време на полициски час побара и Oпштинскиот кризен штаб на Крива Паланка.

    За последните 24 часа во земјава се регистрирани 999 ковид позитивни од 3.627 тестови, а починаа 24 лица како последица на коронавирусот. За повеќе од два пати е зголемена смртноста изминатава недела, според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

    На денешната владина седница, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, не се разговарало за нови мерки со кои би се намалило работното време на угостителските објекти и би се зголемило времетраењето на полицискиот час. Актуелниот полициски час од 22 до 5 часот ќе трае до 22 март.

    Од Министерството за здравство, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК кога планираат да воведат нови мерки и зошто уште тоа не е сторено, велат дека ја следеат епидемиолошката состојбата во земјава.

    „Епидемиолозите и Комисијата за заразни болести активно ја следат епидемиолошката состоба во земјата и во регионот и на дневно ниво се разгледуваат сите аспекти. Врз основа на ова, доколку експертите увидат потреба од засилување на мерки и воведување на дополнителни рестрикции истите тоа ќе го предложат. Во меѓувреме, на сила остануваат мерките кои се последни прогласени и апелираме максимално да се почитуваат како истите би имале позитивен исход“, велат од кабинетот на министерот Венко Филипче.

    За разлика од Македонија, од вечерва сѐ се затвора во Србија, со исклучок на прехранбените продавници, аптеките и бензинските пумпи, ова ќе важи најмалку до понеделник, но засега нема да се воведува полициски час.

    Во моментов, во болниците и ковид-центрите се лекуваат 1.082 пациенти. Само во последните 24 часа во Скопје се хоспитализирани 67 лица. Од денес е отворен Ковид-центар на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

    Број на пациенти кои се лекуваат во болниците во Скопје:

    -Ковид-центрите на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ – 221

    -Клиниката за инфективни болести – 129

    –ГОБ „8 Септември“- 74

    -Институт за белодробни заболувања кај деца Козле – 35

    -Клиника за гинекологија – 4

    Број на пациенти кои се лекуваат во болниците низ земјава:

    -Куманово – 92

    -Охрид – 90

    -Прилеп – 89

    -Кавадарци – 64

    -Битола -58

    -Велес – 50

    -Штип – 46

    -Струмица – 34

    -Гостивар – 23

    -Тетово – 22

    -Струга – 22

    -Гевгелија -15

    -Кочани – 7

    -Кичево – 7

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира